ПОВЕЌЕ

    Клиниката за физикална медицина во Скопје се реконструира со 92,7 милиони денари

    Време зa читање: 2 минути

    Реконструкцијата на ЈЗУ Универзитетска клиника за физикална медицина и рехабилитација – Скопје ќе чини 92,7 милиони денари без ДДВ, а проектот предвидува и целосна промена на системот за греење на мазут со енергетски поефикасни решенија.

    За проектот е потпишан договор за грант меѓу Министерството за финансии и Министерството за здравство. Средствата се обезбедени преку грант од Светската банка и инвестициски грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), а проектот ќе се реализира преку Проектната единица при Министерството за финансии.

    Реконструкцијата ќе опфати осум меѓусебно поврзани објекти, со вкупна грејна површина од 7.247 квадратни метри.

    Предвидена е термичка изолација на фасадите и крововите, замена на старата столарија со енергетски ефикасна, санација на делови од објектите и санитарните јазли, како и поставување современо LED-осветлување.

    Една од позначајните промени е модернизацијата на системот за греење и ладење. Постојниот систем на мазут ќе биде заменет со високоефикасни топлински пумпи и вентилаторски конвектори. Од Министерството за финансии очекуваат со тоа да се намалат потрошувачката на енергија и трошоците за функционирање на Клиниката, како и негативното влијание врз животната средина.

    Инвестицијата треба да обезбеди подобри услови за пациентите и медицинскиот персонал, како и поголема енергетска ефикасност на објектите.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично