ПОВЕЌЕ

    ЕКСКЛУЗИВНО: ЗА ШКОЛУВАЊЕ ВО ПРИВАТНОТО ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ ЛАНИ БИЛЕ ПЛАТЕНИ 43 МИЛИОНИ ЕВРА

    Време зa читање: 5 минути

    Во државава постојат 21 приватна високообразовна институција, во кои лани имало 938 вработени. Според податоците од Државниот завод за статистика во академската 2025/2026 година имало вкупно 12.207 студенти, додека само во прва година се запишале 3.646. Уписите за академската 2026/2027 година сè уште траат.

    Приватните високообразовни установи се дел од комплексниот систем на создавање на новата академска генерација. Но, и знаењето е бизнис, а за приватните универзитети и факултети, како што покажуваат податоците од Бизнис мрежа, тоа значи приход од 43 милиони евра и добивка од 3,1 милион евра, остварени минатата година. Во однос на 2024 година, приходот растел, но добивката значајно се намалила. Во 2024 година школувањето во приватното високо образование чинело 36,7 милиони евра, со што сопствениците на универзитетите и факултетите оствариле добивка од 6,2 милиони евра, односно двојно повеќе отколку лани.

    Извор: Бизнис мрежа

    НАД 40 НАСТО ОД ПРИХОДОТ СЕ СЛЕАЛ ВО МЕЃУНАРОДНИОТ БАЛКАНСКИ УНИВЕРЗИТЕТ

    „Пари“ анализира и кои се високообразовните установи со најголеми приходи, како и колкави се нивните добивки минататa година.

    Податоците покажуваат дека Приватниот меѓународен балкански универзитет ‒ Скопје е недостижен и по приход и по добивка. Универзитетот лани остварил 17,9 милиони евра приход и околу 600.000 евра добивка. Тоа значи дека 41,6 насто од приходот и околу една петтина од добивката во целата дејност е токму во Меѓународниот балкански универзитет. На овој универзитет студираат голем број турски државјани, како и голем број стипендисти од Турција.

    Во однос на финансиските резултати за Меѓународниот балкански универзитет интересно е и што приходот се зголемил за 23,4 насто во однос на 2024 година, а добивката се намалила за 82,2 насто.

    На второ место по приход е Југоисточно-европскиот универзитет во Тетово. Лани инкасирал 9,3 милиони евра и направил профит од 583 илјади евра. Со тоа ланската година му била подобра по приход за 9,5 насто, а по добивка за 7,8 насто во однос на 2024 година.

    На трето место е Американскиот универзитет на Европа (ФОН). Ланскиот приход му е речиси 3 милиони евра, а добивката околу 560.000 евра. Ова е полош финансиски резултат од 2024 година и значи пад на добивката за 40,1 насто, при раст на приходот од 39,4 насто.

    Четвртото место го освои Американ колеџ со приход незначително помал отколку ФОН, односно 3 милиони евра, но со помала добивка – од околу 330.000 евра. Американ колеџ има подобри резултати и по приход и по добивка во однос на 2024 година. Растот на приходот е 15 насто, а на добивката е 1,8 насто.

    Меѓународниот славјански универзитет е петти по приход со реализирани 2 милиони евра што му донеле добивка од 300.000 евра. И тој има раст во однос на 2024 година ‒ приходот му е зголемен за 9,1 насто, а добивката за 14,6 насто.

    Извор: Бизнис мрежа

    ПРИХОДИТЕ РАСТАТ, ВРАБОТЕНИТЕ СЕ НАМАЛУВААТ

    Додека приватниот високообразовен сектор во 2025 година бележеше солиден раст на приходот од 17,3 насто, постои мало намалување на вкупниот број на вработени – од 947 во 2024 на 938 во 2025 година, или намалување за 0,95 насто.

    Најголем дел од вработените се во првата десетка, а таму има поголем пад на вработеноста ‒ од 864 во 2024 година на 841 во 2025 година, односно 2,7 насто помалку.

    На самиот врв, како најголем работодавач се наоѓа Приватниот меѓународен балкански универзитет (МБУ). Со 198 вработени, оваа институција не само што е најголемиот поединечен работодавач во секторот, туку и самата вработува речиси 21 насто од вкупниот кадар на сите 21 анализирани установи. Сепак, МБУ во 2025 година очигледно спровел кадровско реструктурирање, намалувајќи го бројот на вработени за 34 (или 14,66 насто) во споредба со претходната година. Овој потег директно корелира со драматичниот пад на нето-добивката на универзитетот за 82 насто.

    Додека гигантот МБУ ги стега ремените, други играчи на пазарот бележат спротивен тренд и го зголемуваат својот кадар. Универзитетот Визион од Гостивар, кој истовремено забележа и експлозија на добивката од 641 насто, го зголеми бројот на вработени за 8,06 насто, вработувајќи пет нови лица. Слична стратегија следи и Приватниот универзитет СКОПЈЕ, кој има раст на бројот на вработените од 10,20 насто (од 49 на 54). Меѓународниот универзитет во Струга, иако се бори со пад на приходот, сепак го зголемил кадарот за 11,11 насто.

    Извор: Бизнис мрежа

    Податоците откриваат и висока концентрација на пазарот на трудот во овој сектор. Само првите три универзитети на листата – МБУ, Југоисточно-европскиот универзитет и Американ колеџ имат 466 вработени. Ова значи дека речиси половина (49,7 насто) од работните места во елитната група на топ 10-те универзитети се концентрирани во само три институции. Во однос на целата дејност, пак, нивното учество е 55,4 насто.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично