ПОВЕЌЕ

    ПОД ЛУПА КАЗИНАТА И ОБЛОЖУВАЛНИЦИТЕ: Нема лиценца без јасно потекло на парите

    Време зa читање: 3 минути

    Кој стои зад компанијата, од каде доаѓа капиталот и каква е деловната и професионалната историја на лицата што бараат лиценца за приредување игри на среќа – овие прашања отсега ќе бидат предмет на подетална проверка.

    Министерството за финансии донесе нов Правилник со кој се уредува начинот на утврдување на репутацијата, интегритетот и потеклото на средствата на лицата и компаниите што аплицираат за лиценца за казино, обложувалница, автомат клуб или томбола од затворен тип.

    Правилникот произлегува од новиот Закон за игрите на среќа, донесен во јуни годинава, со кој како новина беше воведено и оценувањето на репутацијата на лицата поврзани со приредувачите на игри на среќа.

    Со новите правила прецизно се утврдува документацијата што ќе треба да ја достават правните и физичките лица при поднесување барање за лиценца. Меѓу другото, ќе се проверува дали на одредено лице му била изречена санкција со забрана за вршење професија, дали му била изречена забрана за приредување игри на среќа, како и други околности кои се значајни за неговото учество во оваа дејност.

    Посебен акцент се става на потеклото на капиталот.

    Преку банкарски извештаи, договори и финансиски биланси, Министерството за финансии ќе проверува дали постои непрекинат траг на движењето на паричните средства – од нивниот извор до моментот кога се уплатени во основната главнина на друштвото.

    Со Правилникот се уредуваат и постапките поврзани со промена на сопственичката структура, промена на главнината, како и именувањето членови во органите на управување и надзор.

    Проверката на репутацијата, согласно новиот Закон, не се ограничува само на лицата што формално поднесуваат барање за лиценца. Предвидено е оценување и на репутацијата на содружниците и соработниците на друштвата на кои им се издадени лиценци за игри на среќа.

    Оценувањето се однесува и на членовите на органите на управување и надзор на трговското друштво за приредување игри на среќа во кое државата е единствен акционер.

    Од Министерството за финансии посочуваат дека ваквото оценување на репутацијата е воведено како значаен фактор во борбата против перењето пари и финансирањето тероризам.

    Новиот Закон за игри на среќа беше донесен во јуни 2026 година, со цел да се воспостави современа, појасна и поефикасна законска рамка за регулирање на оваа област.

    Со донесувањето на Правилникот сега подетално се уредува практичниот дел од новите правила, кој може да добие лиценца, што ќе треба да докаже пред надлежните институции и како ќе се проверува потеклото на парите со кои се влегува во бизнисот со игри на среќа.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично