
Една од најважните морски точки на планетата, низ која до неодамна минуваше околу една петтина од светската трговија со нафта по море, одеднаш се најде во една од најнеобичните изјави на Доналд Трамп. Американскиот претседател порача дека Ормускиот теснец „наскоро“ би можел да стане територија на Соединетите Американски Држави.
Изјавата, дадена во петокот за време на настап во полициската академија во Гарден Сити, Њујорк, веднаш отвори прашање – дали станува збор за уште една провокативна порака на Трамп или за најава на многу посериозен пресврт во американската политика кон Иран и еден од најчувствителните водни патишта во светот.
„Откако ќе го победиме Иран, кој е многу лошо поразен, наскоро ќе го прогласам Ормускиот теснец за територија на Соединетите Американски Држави“, рече Трамп.
Потоа отиде и чекор понатаму, тврдејќи дека Вашингтон веќе практично ја има контролата врз движењето низ теснецот.
„Имаме блокада. Ниеден брод не може да помине освен ако ние не сакаме“, порача американскиот претседател.
Засега не е јасно колку сериозно треба да се сфати ваквата изјава и дали Белата куќа навистина подготвува нова политичка позиција. Ормускиот теснец е меѓународен пловен пат меѓу Иран и Оман и со децении претставува една од најважните артерии за светскиот енергетски пазар.
Неговото значење особено дојде до израз по почетокот на војната меѓу САД и Израел од една страна и Иран од друга. Конфликтот започна на 28 февруари, а одговорот на Техеран вклучуваше напади врз американски сојузници во регионот, но и блокирање на Ормутскиот теснец.
Пред војната низ овој коридор минуваше околу една петтина од глобалните пратки на нафта и течен природен гас. Неговото речиси целосно затворање затоа не остана само во рамките на воената географија на Блискиот Исток – последиците брзо стигнаа и до светските пазари.
Цените на енергијата нагло пораснаа, а повисоките трошоци за гориво почнаа сè посилно да ги чувствуваат и американските потрошувачи.
Трамп не се обиде да ја ублажи таа реалност. Напротив, порача дека Американците ќе мора да прифатат дека одреден период ќе плаќаат повеќе за бензин доколку тоа е цената за спречување на Иран да дојде до нуклеарно оружје.
Според него, тие што плаќаат „малку повеќе“ на бензинските пумпи треба да имаат предвид дека тоа го прават за да се спречи земја што тој ја опиша како „многу зла“ да добие нуклеарно оружје.
„Никогаш нема да се извинам. Постапив правилно“, порача Трамп.
Но, од другата страна на теснецот пораката е сосема поинаква.
Иранскиот заменик-министер за надворешни работи Казем Гарибабади одговори дека Техеран нема да биде заплашен ниту од заканите ниту од демонстрацијата на американска сила. Според него, прашањето дали Ормутскиот теснец ќе биде отворен или затворен останува под ирански авторитет.
Истовремено, нема ниту јасен сигнал дека дипломатскиот ќор-сокак е блиску до разрешница.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи изјави дека Техеран сè уште не донел одлука за продолжување на разговорите со САД. Пораките што се разменуваат преку Катар и Пакистан, според него, не претставуваат формални преговори.
Паралелно се водат разговори со Оман за дефинирање морска рута низ Ормутскиот теснец, но и тука напредокот зависи од условите што ги поставува Иран.
Техеран бара промена на американското однесување, надомест за воената штета, укинување на санкциите и ослободување на замрзнатите ирански средства пред целосно да го отвори стратешкиот воден пат.
Вашингтон, пак, во последните месеци ги блокира иранските бродови и пристаништа во обид дополнително да го засили економскиот притисок.
Така, речиси шест месеци по почетокот на војната, Ормускиот теснец веќе не е само географска точка на картата. Тој стана едно од главните средства за притисок во судирот меѓу Вашингтон и Техеран – со последици што ги чувствуваат енергетските пазари, компаниите и милиони потрошувачи далеку од Блискиот Исток.
А сега Трамп оди уште подалеку. Откако претходно тврдеше дека САД имаат „целосна контрола“ врз теснецот и дека можеби ќе го „задржат“, неговата последна порака директно го отвора прашањето за американска територија.
Дали тоа е политичка најава или типичен Трампов притисок пред нова рунда преговори, засега останува нејасно. Но, кога станува збор за теснец низ кој минува огромен дел од светската енергија, и една реченица е доволна за да го привлече вниманието на целиот свет.
Аналитика








