
Капиталните проекти вредни повеќе од пет милиони евра отсега ќе минуваат низ посистематски процес на оценување пред државата да одлучи кои од нив ќе добијат пари. Првиот чекор веќе е направен – Владата ја усвои првата конечна приоритетна листа на предлог-проекти за јавни инвестиции, на која се најдоа 41 проект.
Станува збор за проекти од инфраструктурата, образованието, здравството, енергетиката, дигитализацијата, земјоделството и водостопанството, кои претходно биле подготвени од институциите што ги предлагаат, а потоа оценувани од Министерството за финансии и одобрени од Комитетот за јавни инвестиции.
Оваа листа треба да биде една од главните основи при утврдувањето на новите капитални инвестиции во буџетскиот процес за 2027 година, но и при подготовката на инвестициските програми на јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост.
Сепак, влегувањето на листата не значи дека за секој од 41 проект веќе се обезбедени средства, ниту дека е донесена конечна одлука за негова реализација.
Финансирањето ќе се утврдува дополнително, преку процесот на капитално буџетирање и во рамките на расположливите средства. При одлучувањето ќе се земаат предвид степенот на подготвеност на проектот, расположливите финансии и приоритетите на Владата за конкретната фискална година.
На листата се опфатени предлог-проектни идеи со средна и голема вредност, односно инвестиции над пет милиони евра. Министерството за финансии претходно ја проверувало комплетноста на документацијата, квалитетот на доставените податоци, стратешката релевантност и основната подготвеност на секој проект за понатамошна разработка.
Врз основа на анализата, Министерството изготвило листа на проектни идеи и мислења за нивните финансиски аспекти, одржливоста и изводливоста, по што документите биле доставени до Комитетот за јавни инвестиции, а потоа и до Владата.
Со новиот пристап, институциите при идното инвестициско планирање ќе треба да се усогласуваат со приоритетната листа, со цел капиталните проекти да се планираат однапред и да се намали просторот за вклучување недоволно подготвени инвестиции во буџетите.
Системот е воведен со Уредбата за управување со јавни инвестиции, која произлегува од Законот за буџети и беше донесена минатата година. Тогаш беше формиран и Комитетот за јавни инвестиции, чиј прв состанок се одржа во април годинава.
Од Министерството за финансии посочуваат дека целта е одлуките за капиталните проекти над пет милиони евра да се носат на посистематски и транспарентен начин, а истовремено полесно да се планираат буџетските средства за повеќе години однапред.
Воведувањето на ваквиот систем е дел и од Реформската агенда 2024–2027 во сегментот на управувањето со јавните инвестиции.
Комплетната прва конечна приоритетна листа со 41 предлог-проект е објавена на веб-страницата на Министерството за финансии.
Аналитика








