
Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ не уплатило 86,4 милиони денари комунална такса во буџетот на Општина Центар, а истовремено има 20,4 милиони денари побарувања постари од шест години, за кои не се преземени навремени мерки за наплата. Ова се дел од наодите во ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија, кој за финансиските извештаи за 2024 година изрази неповолно мислење, а за усогласеноста со законската регулатива – мислење со резерва.
„Констатирани се состојби, неправилности и неусогласености во работењето на претпријатието и поради нивното значење изразено е неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и мислење со резерва за усогласеноста со законската регулатива“, наведува ДЗР.
Ревизорите утврдиле дека заклучно со 2024 година претпријатието евидентирало обврски за комунална такса од 86,363 милиони денари (1,4 милиони евра), кои не се уплатени во општинскиот буџет. Најголемиот дел од обврските, 79 милиони денари, се однесуваат на периодот од 2019 до 2023 година.
Освен тоа, од вкупните побарувања од 80,1 милион денари (1,3 милиони евра), дури 20,4 милиони денари (331,9 илјади евра), односно 25 проценти, се постари од шест години.
„За овие побарувања не се преземени навремени активности за наплата и не е извршено обезвреднување за оние за кои постои објективен доказ дека претпријатието нема да може да ги наплати“, посочено е во извештајот.
Ревизијата открила и неправилности во водењето на сметководството. Опремата и градежните објекти, меѓу кои паркомати, монтажни конструкции и киоск-системи, не биле соодветно евидентирани, а за средствата ставени во употреба во 2024 година не била пресметана амортизација, што директно влијаело врз финансискиот резултат и точноста на финансиските извештаи.
Констатирани се и сериозни слабости при пописот на имотот. Не бил извршен попис на дел од средствата, побарувањата и обврските, биле утврдени несогласувања кај готовината во благајната, а пописната комисија воопшто не изготвила извештај за спроведениот попис.
Исто така, јавното претпријатие нема донесено сметководствени политики, завршните книжења за 2024 година не биле спроведени во законскиот рок, а трговските книги не биле заклучени, што овозможувало ретроактивни измени.
Ревизорите забележале и неправилности при отпис на побарувањата. Во текот на 2024 година биле отпишани 2,22 милиони денари побарувања од физички лица, без да биде пресметан и платен персонален данок од 247 илјади денари со што, според ДЗР, биле помалку уплатени средства во државниот буџет.
Покрај финансиските слабости, ревизијата открила и проблеми во исплатата на плати. Според ДЗР, бил применуван Правилник за плати кој не бил усогласен со законските прописи и Општиот колективен договор за јавниот сектор, поради што биле утврдени неправилности во пресметката на платите, коефициентите за сложеност на работните места, додатоците за сменска работа и надоместоците за боледување.
Слабости се утврдени и во благајничкото работење. Во претпријатието немало интерен акт за ракување со готовина, не се водел благајнички дневник, документацијата не била комплетна, а не биле преземени ниту мерки за осигурување на готовината што се чува во благајната.
ДЗР констатирал дека не е воспоставена внатрешна ревизија во соодветен организациски облик, не бил обезбеден потребниот број внатрешни ревизори, ниту биле донесени стратешки и годишен план за внатрешна ревизија.
Ревизорите утврдиле и неправилности во јавните набавки. Станува збор за договори во вкупна вредност од 4,59 милиони денари, од кои во 2024 година биле реализирани 2,59 милиони денари.
„Во дел од постапките се поставени несразмерни услови за учество, прифатени се понуди над проценетата вредност без соодветна анализа и обезбедени средства, известувањата за склучени и реализирани договори не се поставувани во законски рок, техничките спецификации не се јасно и недвосмислено дефинирани, а на поставени прашања од економски оператори не е одговорено“, наведува ДЗР.
За надминување на утврдените состојби, ревизорите доставиле препораки, „со цел преземање на мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица“.
Аналитика








