ПОВЕЌЕ

    Во трката за Адико Банка РБИ стигна до 51,28 %, НЛБ нуди 37 евра по акција

    Време зa читање: 3 минути

    Австриската Рајфајзен банка Интернешнл (RBI) објави дека до 13 јули обезбедила прифаќање на својата понуда за преземање на 51,28 отсто од акциите на Adiko Banka. Ова следува само неколку дена откако банката го намали минималниот праг за успешност на понудата.

    Aкционерите прифатиле продажба на 9.890.151 акција на Адико банка. Тоа претставува 51,28 проценти од акциите што се релевантни за исполнување на минималниот праг, кој од 9 јули е намален од повеќе од 75 на повеќе од 55 проценти, соопштиле од РБИ, пренесува SeeNews.

    Во бројката се вклучени и 1.878.167 акции во сопственост на српската Алта Груп, што претставува 9,63 проценти од вкупниот број издадени акции на Адико банка.

    РБИ посочува дека акционерите кои ја прифатиле нејзината понуда пред 24 јуни, кога словенечката НЛБ ја подобри својата конкурентска понуда, сè уште имаат право да ја повлечат изјавата за прифаќање. Сепак, заклучно со 13 јули, агентот задолжен за спроведување на понудата не примил ниту едно барање за повлекување.

    Во меѓувреме, трката за преземање на Адико банка продолжува. РБИ нуди 26,5 евра по акција, додека словенечката НЛБ по две подобрувања на понудата сега нуди 37 евра по акција. Двете понуди остануваат отворени до 22 јули.

    НЛБ во неделата најави дека ќе побара одобрение од австриската Комисија за преземања за да го намали минималниот праг за успешност на својата понуда од повеќе од 75 на повеќе од 50 проценти, како и да го продолжи рокот за прифаќање.

    И покрај тоа, Алта Груп во понеделникот соопшти дека останува на својата одлука акциите да ги продаде на РБИ. Алта Груп е основана во 2014 година во Белград и е во целосна сопственост на бизнисменот Давор Мацура, кој банкарскиот бизнис го развива во Србија и во Македонија.

    Адико банка работи во Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора, има околу 900.000 клиенти и мрежа од 155 филијали и дигитални канали.

    За РБИ, преземањето би значело зајакнување на позицијата во Хрватска и повторно влегување на словенечкиот банкарски пазар. Од друга страна, НЛБ со купувањето на Адико би добила индиректен влез на хрватскиот банкарски пазар, каде што моментално е присутна само преку лизинг-бизнисот. Ова е втор обид на НЛБ да ја преземе Адико банка, откако понудата во 2024 година не успеа.

    (Фото: SeeNews)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично