ПОВЕЌЕ

    Во трката за Адико Банка, РБИ го спушти прагот – доволни се 55 отсто од акциите

    Време зa читање: 3 минути

    Австриската Рајфајзен Банк Интернешнл (РБИ) ги олесни условите за преземање на Адико Банка, намалувајќи го минималниот праг за успешност на понудата од над 75 на над 55 отсто од акциите. Потегот доаѓа во екот на трката со словенечката Нова Љубљанска банка (НЛБ) за преземање на банката која работи на пазарите во Југоисточна Европа.

    Откако Австриската комисија за преземања не ја забрани трансакцијата, РБИ го намали прагот на повеќе од 55 отсто од акциите што се предмет на понудата, односно на повеќе од 10,6 милиони акции, наместо претходно предвидените над 75 отсто од сите издадени акции, пишува SeeNews, повикувајќи се на известување од банката.

    Според РБИ, до 6 јули биле прифатени понуди за околу 9,9 милиони акции на Адико Банка, што претставува 50,72 отсто од сите издадени акции. Во оваа бројка се вклучени и речиси 1,9 милиони акции, односно удел од 9,63 отсто, што ги поседува српската Алта Груп.

    РБИ нуди 26,5 евра за акција на Адико Банка, но се соочува со конкурентот НЛБ, чија што понуда,  по двете направени подобрувања изнесува 37 евра за акција. И двете понуди се отворени до 22 јули, при што понудата на НЛБ останува условена со минимален праг на прифаќање од 75 отсто.

    Откако НЛБ вторпат ја коригираше својата понуда, Управниот одбор на Адико Банка ја повлече претходната препорака – акционерите да ја прифатат понудата на РБИ, и соопшти дека не препорачува ниту прифаќање ниту одбивање на која било од двете понуди. Причината е неизвесноста дали подобрената понуда на НЛБ ќе може да се реализира, со оглед на поставените услови, меѓу кои е и високиот праг за прифаќање од страна на акционерите.

    Адико Банка работи во Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора, каде што опслужува околу 900.000 клиенти преку 155 експозитури и дигитални банкарски канали.

    Со преземањето, РБИ би го зголемила својот пазарен удел во Хрватска и повторно би влегла на словенечкиот банкарски пазар. Истовремено, РБИ планира да ги продаде подружниците на Адико Банка во Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора на Алта Груп.

    Плановите на НЛБ се да ги интегрира подружниците на Адико Банка со сопствените операции на петте пазари на кои двете банки се веќе присутни. Банката, сепак, најави дека ќе направи анализа на трошоците и придобивките пред евентуална интеграција на подружниците на Адико надвор од Европската Унија.

    Преземањето на би ѝ овозможило на НЛБ индиректен влез на хрватскиот банкарски пазар, каде што моментално работи само во лизинг-секторот. Ова е втор обид на НЛБ да ја преземе Адико Банка, откако претходната понуда во 2024 година беше неуспешна.

    Меѓу најголемите акционери на Адико Банка се австриската компанија S-Quad Handels- und Beteiligungs (9,99%), српската AikBank и словенечката Gorenjska Banka (заедно контролираат 9,69%), српската Alta Group (9,63%), како и ЕБОР (8,40%).

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично