ПОВЕЌЕ

    „БЕШЕ УЖАСНО“: Сопругата му го спасила животот држејќи го за нозе, Македонија дел од истрагата за инцидентот со Рајанер

    Време зa читање: 6 минути

    Србинот Љубиша Каровиќ, е патникот кој е повреден во инцидентот што се случил на летот на авиокомпанијата Рајанер од Солун за Меминген. Според пишувањата на српските медиуми, 61-годишниот Љубиша Каровиќ, го спасила од паѓање од авионот неговата сопруга Светлана Грковиќ, која, заедно со неколку други патници, го држела цврсто за нозете. Каровиќ наводно неколку пати ја изгубил свеста, не се сеќава што му се случило и е задржан во болница поради повреди и изгореници.

    ХОРОР НА ЛЕТОТ ДО МЕМИНГЕН

    Крајот на одморот беше речиси крај на животот за Љубиша и Светлана, кои се враќаа од летен одмор во Олимпискиот регион со лет на „Рајанер“ за Минхен. Летаа околу половина час кога започна ужасот.

    Додека сè уште дремеа на своите седишта, прозорецот одеднаш се скрши, а силна декомпресија го повлече Љубиша кон отворот на авионот.

    „Како дел од моторот да се скршил и да го удрил прозорецот до кој седеше мојот сопруг Љубиша. За среќа, беше врзан. Кога прозорецот се скрши, кабината се декомпресираше. Притисокот го повлече Љубиша, за среќа беше врзан, но половина од неговото тело штрчеше од авионот. Веднаш реагирав и го зграпчив за нозете. Помислив: „Ако умреме, ќе умреме заедно“. Беше ужасно“, ја започнува својата исповед Светлана Грковиќ за српскиот портал Nova.rs.

    Целиот авион беше во хаос, маските паѓаа, некои од патниците паничеа, некои дојдоа да помогнат, раскажува сопругата. „Некои луѓе ми дојдоа на помош, се сеќавам на еден маж и една жена. Тој човек многу ми помогна, Љубиша и јас. Ги држевме нозете на Љубиша заедно, додека авионот се враќаше на аеродромот во Солун. Мислам дека беше Албанец, ви благодарам многу. Не се сеќавам на неговото име, дури не знам ни дали ми кажа. Би сакала да го запознаам, да му се заблагодарам лично уште еднаш“, вели Светлана за порталот Нова.рс.

    Патниците опишаа сцени на паника во кабината. Еден патник им изјави на локалните медиуми дека по полетувањето се слушнал силен тресок, „како да пукнала гума“, пред маските за кислород да паднат од таванот. Друг патник првично верувал дека се отворил излез за итни случаи пред да сфати дека авионот доживеал брза декомпресија. Сведоците рекоа дека повредениот српски патник постојано ја губел свеста додека неговата сопруга и оние што седеле во близина го држеле додека авионот безбедно не слетал назад во Солун. Експертите за воздухопловство забележале дека фактот што патникот носел појас веројатно спречил уште посериозен исход.

    МАКЕДОНСКИТЕ ИСТРАЖНИ ОРГАНИ УЧЕСТВУВААТ ВО ИСТРАГАТА НА ИНЦИДЕНТОТ

    Сериозниот инцидент со авионот на Рајанер, се случил минатиот петок во воздушниот простор над Македонија кога осумнаесет години стариот авион на компанијата кој летал како лет FR1879 на „Рајанер“ од Солун до Меминген, доживеал брза декомпресија кратко по полетувањето. Грчките медиуми и извори од аеродромот посочија дека дел од десниот мотор на авионот откажал, а остатоците наводно удриле и скршиле прозорец на патникот. 61-годишниот српски државјанин кој седел покрај оштетениот прозорец бил делумно извлечен од авионот пред сопатниците да успеат да го вратат во кабината. Тој се здобил со повреди на вратот и рамото, како и изгореници од триење, и бил однесен во болница. Неговите повреди не се опасни по живот, според српскиот конзулат во Солун.

    Националниот одбор за безбедност во транспортот на САД (NTSB) го презема комплетното делегирање на истрагата на настанот што се случи  вчера над Македонија со авионот Boing 737-800, кој оперирал како лет FR1879 за „Рајанер“ (Малта Ер), информираа вчера за МИА од Комитетот за истраги на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти (КИНСИВ). Согласно со Анекс 13 на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO), КИНСИВ претходно достави барање истрагата да биде делегирана на NTSB. „Во истрагата предводена од NTSB ќе учествуваат и претставници на КИНСИВ“,  изјави за МИА претседателот на КИНСИВ Марјан Прпоски.

    Како што информира, по добиената информација во 13:20 часот дека се случил сериозен инцидент во воздушниот простор на Република Северна Македонија  КИНСИВ согласно со прописите од областа на воздухопловството, ги известиле Француското биро за истраги и анализи на безбедноста на цивилното воздухопловство (BEA), Грчката агенција за истрага на несреќи и сериозни инциденти, Националниот одбор за безбедност во транспортот на САД (NTSB)  и Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO).

    ДЕН ПРЕТХОДНО ИСТИОТ АВИОН ВРАТЕН ПО ПОЛЕТУВАЊЕТО

    Претходно, дел од медиумите објавнија дека македонските воздухопловни власти ја презедоа одговорноста за истрага на сериозниот инцидент на „Рајанер“ во петокот, во кој српски патник беше делумно вовлечен низ скршен прозорец од кабината по очигледен дефект на моторот на Боинг 737-800. Иако авионот полетал од Грција и безбедно се вратил во Солун, итната ситуација се случила додека авионот летал низ македонскиот воздушен простор, што го прави Комитетот за истрага на авионски несреќи на земјата одговорен за водење на истрагата според меѓународните правила за воздухопловство. „Боинг“, Националниот одбор за безбедност на сообраќајот на САД (NTSB) и Федералната администрација за воздухопловство на САД (FAA) помагаат во истрагата.

    Според компанијата Рајанер, „Авион на „Рајанер“ од Солун кон Меминген вчера се врати во Солун кратко по полетувањето откако за време на летот се откачи прозорец до патник “. Од авиокомпанијата посочија дека авионот регуларно слетал во Солун и патниците биле вратени во терминалната зграда. „Еден патник побара и доби медицинска помош по слетувањето во Солун. Со цел да се минимизира доцнењето, бил обезбеден заменски авион за превоз на патниците до Меминген.

    Сајтот Еx-Yu Aviation известува дека, во четврток вечерта, денот пред инцидентот, истиот авион, упатен кон Сараево, бил принуден да се врати во Солун кратко по полетувањето. Летот потоа бил откажан, а следната линија на авионот била до Меминген во петок наутро. Рајанер не ја откри причината за тоа пренасочување и во моментов нема индикации дека е поврзано со инцидентот со декомпресија во петокот.

    Авионот останува приземјен во Солун додека истражителите го испитуваат оштетениот мотор и трупот. Се очекува наодите од истрагата предводена од Македонија да утврдат дали неконтролиран дефект на моторот предизвикал остатоци да навлезат во прозорецот на кабината, предизвикувајќи декомпресија. Инцидентот се споредува со несреќата на „Саутвест ерлајнс“ од 2018 година, во која учествуваше друг авион „Боинг 737 следната генерација“, во кој дефект на моторот, исто така, резултираше со скршен прозорец и декомпресија на кабината.

    (Фото: Фејсбук профил)

    Ј.Д.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично