ПОВЕЌЕ

    НАШИ РАБОТНИЦИ ПЕЧАТ КОЛАЧИ ЗА ЈАПОНИЈА и прават „чуда“ без шеќер

    Време зa читање: 5 минути

    Кондиторската индустрија обично ја гледаме преку полиците во маркетите, но зад секое пакување стои многу поголема приказна: фабрики, смени, машини, суровини, извоз, дистрибуција и илјадници работници.

    Ако во првата анализа бројките покажаа дека оваа индустрија во 2025 година направила поголем промет, но помала добивка, втората анализа ја отвора другата страна на приказната – колку луѓе работат во најголемите компании и колкави плати исплаќаат производителите што го предводат кондиторскиот пазар.

    Анализата на порталот Пари, во соработка со Бизнис Мрежа, покажува дека кај најголемите компании по број на вработени има концентрација околу неколку силни индустриски центри: Прилеп, Виница, Скопје, Ресен, Свети Николе, Битола и Штип.

    Но, платите не го следат секогаш редоследот на големината. Најголемиот работодавач не е компанијата со највисока просечна плата. Најпрофитабилната компанија не исплаќа највисока плата. Дел од компаниите со мал број вработени влегуваат високо на листата по просечни примања.

    Најбројни во кондиторската индустрија се вработените во Витаминка, која покрај за домашниот пазар извезува во уште 30 земји, вклучувајќи ја и Јапонија. Највисоки плати, пак, имаат работниците во Лутхман Бацклунд Фоодс Продуцтион, фирма што има сертифицирано производство на протеински и кондиторски плочки без додаден шеќер.

    НАЈГОЛЕМИТЕ ФАБРИКИ ВРАБОТУВААТ СТОТИЦИ ЛУЃЕ

    Најголем работодавач во кондиторската индустрија е Витаминка од Прилеп, со 641 вработен во 2025 година. Компанијата и понатаму е убедливо најголем производител според бројот на луѓе што ги ангажира, иако бројот на вработени е намален во однос на 2024 година, кога изнесувал 663 лица. Тоа е пад од 3,32 насто. Витаминка истовремено е прва по приход во кондиторската индустрија со приход од 77,3 милиони евра.

    Втора по број на вработени е Макпрогрес од Виница, со 504 вработени во 2025 година. Компанијата има мал раст од 0,80 насто, односно четворица вработени повеќе од претходната година.

    На третото место според бројот на вработени е Европа-Скопје, со 374 вработени, што е благ раст од 1,08 насто во однос на 2024 година, кога имала 370 вработени.

    Четврта е Свислион-Агроплод од Ресен, со 346 вработени во 2025 година. Кај оваа компанија има пад од 5,46 насто, односно во 2024 година имала 366 вработени.

    Лион од Свети Николе има 171 вработен, што е пад од 1,72 насто.

    Во првата десетка по број на вработени се и Лутхман Бацклунд Фоодс Продуцтион од Битола со 118 вработени, Европа ДООЕЛ Штип со 79, Стел Импекс од Штип со 56, Европак 2012 со 23 и Еврокекс од Битола со 20 вработени.

    Гледано кај првите десет компании, бројот на вработени во 2025 година изнесувал 2.332 лица, наспроти 2.380 лица во 2024 година. Тоа значи дека кај најголемите работодавачи има намалување од 48 лица, односно пад од околу 2 насто.

    Извор: Бизнис Мрежа

    ЛУТХМАН БАЦКЛУНД СО НАЈВИСОКА ПЛАТА

    Редоследот на листата за просечни плати е поинаков од оној кај вработените, приходите и добивките.

    Највисока просечна плата во 2025 година исплатила Лутхман Бацклунд Фоодс Продуцтион од Битола – 52.783 денари. Компанијата е дел од шведскиот бренд Nicks, кој е лидер во категоријата на иновативна кондиторија, сладолед и функционална храна. Оваа компанија е петта по приход со околу 15,3 милиони евра, а кај добивката бележи силен раст од 230,28 насто. Тоа ја прави една од најдинамичните компании.

    Втора по просечна плата е Витаминка, со 44.816 денари. Кај најголемиот работодавач во секторот платата пораснала за 3,17 насто, од 43.438 денари во 2024 година.

    Потоа следи Лион од Свети Николе, со просечна плата од 43.506 денари и раст од 14,14 насто. Компанијата има 171 вработен, а според приходот е шеста во секторот. Тоа покажува дека Лион има подобра позиција кај платите отколку кај прометот.

    Четврта е Макпрогрес, со просечна плата од 41.802 денари и раст од 7,16 насто.

    Стел Импекс од Штип има просечна плата од 41.239 денари, со раст од 23,70 насто. Компанијата има само 56 вработени, но е втора по добивка во секторот, со околу 1 милион евра профит и е една од најефикасните компании ако се гледа односот меѓу добивката и бројот на вработени.

    „Стоби флипс“ грицка најголем приход, „Винчини“ се засладува со најголем профит

    Прима Фуд од Илинден има просечна плата од 40.283 денари и раст од 4,63 насто, но според податокот за бројот на вработени има само еден вработен. Затоа кај оваа компанија просечната плата треба да се чита внимателно, бидејќи малата база може лесно да ја помести статистиката.

    Најголем раст на просечната плата има Хоум Меид Лимонејд од Трубарево, Скопје. Просечната плата пораснала од 23.432 денари во 2024 година на 36.112 денари во 2025 година, што е скок од 54,11 насто. Но, и тука треба да се има предвид дека компанијата има само тројца вработени.

    Свислион-Агроплод има просечна плата од 34.158 денари, со раст од 9,24 насто, а има 346 вработени.

    Кај десетте компании со највисоки просечни плати, просекот во 2025 година изнесува 40.739 денари, наспроти 35.875 денари во 2024 година. Тоа е раст од 13,56 насто.

    Сите десет компании од листата имаат раст на просечната плата. Но, разликата е во тежината на тој раст. Кога платата расте во Витаминка, Макпрогрес, Лион или Свислион-Агроплод, тоа опфаќа стотици вработени. Кога растот се случува во компании со еден, тројца или седуммина вработени, процентите се впечатливи, но ефектот врз вкупната слика е многу помал.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Катерина Михајлова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично