ПОВЕЌЕ

    Македонските инвеститори ја менуваат логиката во време на неизвесност

    Време зa читање: 4 минути

    Во период кога глобалната економија се соочува со геополитички турбуленции, зголемена инфлација и неизвесни движења на каматните стапки, многу веројатно е да се очекува доминација на конзервативно однесување кај инвеститорите. Но, податоците за првиот квартал од 2026 година покажуваат нешто посуптилно и многу поинтересно кај македонските инвеститори.

    Македонските граѓани и компании не се повлекуваат од инвестирање – тие го редизајнираат начинот на кој го распределуваат својот капитал. Наместо избор помеѓу „ризик или сигурност“, сè повеќе се одлучуваат за паралелен пристап: сигурност дома, а раст и диверзификација надвор од земјата.

    Оваа двојна стратегија се гледа низ повеќе податоци што ги објавуваат официјалните статистики на надлежните регулаторни институции во земјата.

    Ако се погледне структурата на вложувањата, веднаш станува јасно дека кај инвеститорите доминира одмерена логика. Од една страна, депозитите во банките растат значително, што покажува силна потреба за сигурност и ликвидност. Од друга страна, истовремено се зголемува и изложеноста кон пазари со повисок ризик, особено надвор од земјата.

    Орочените депозити на домаќинствата достигнаа скоро 452 милијарди денари, со годишен раст од 9,7%, додека на компаниите бележат раст од 5,8% и вкупно ниво од околу 181 милијарда денари.

    Но, дел од капиталот излегува од удобната зона и бара поголеми можности. Најсилниот сигнал доаѓа од вложувањата на странски пазари на капитал, односно во странски хартии од вредност. Во првиот квартал од 2026 година тие достигнуваат 55,6 милиони евра, што е раст од дури 85,21% на годишно ниво. Ова не е краткорочен импулс, туку дел од подлабок тренд.

    Вкупната вредност на македонските портфолио инвестиции во странство на крајот од 2025 година, според податоците на Народната банка, достигна 1,52 милијарди евра, што е зголемување од над 32% во однос на 2024 година. Ова значи дека странските пазари повеќе не се алтернатива, туку составен дел од инвестициската стратегија на македонските инвеститори. Причините се јасни: поголема длабочина, поширока понуда, подобра диверзификација и пристап до инструменти што домашниот пазар не може лесно да ги обезбеди.

    Најголем дел од овие портфолио инвестиции завршуваат во САД, дури 912 милиони долари. Следуваат Ирска со 125 милиони евра и Германија со 110 милиони евра.

    И покрај растот на интересот за странство, домашниот пазар не е напуштен. Вложувањата преку Македонската берза изнесуваат 2,33 милијарди денари во првиот квартал од 2026, што е раст од 13,28% во однос на истиот период лани. Овој раст покажува дека домашниот пазар останува релевантен за инвеститорите и расте стабилно, но не со експлозивно темпо. Тој е дел од стратегијата, но не е единствен носител на растот.

    Фондовите се мост помеѓу штедење и инвестирање

    Еден од најинтересните трендови е растот на домашните инвестициски фондови. Уплатите во нив достигнуваат 8,13 милијарди денари, што е раст од над 30% на годишно ниво.

    Ова покажува дека инвеститорите стануваат пософистицирани. Дел од нив се одлучуваат професионалци да управуваат со нивното портфолио. Фондовите тука играат клучна улога: тие им овозможуваат на инвеститорите да бидат дел од пазарот без директно да го носат целиот ризик или да имаат длабоко познавање.

    Интересно е што не сите сегменти растат. Осигурителните производи бележат пад од околу 4,4%, што укажува дека во услови на зголемени трошоци и неизвесност, ваквите вложувања можат да се одложат.

    Во исто време, доброволните пензиски фондови бележат раст од 12,6%, што покажува дека дел од граѓаните сепак не се откажуваат од долгорочно планирање.

    Овој контраст е многу значаен бидејќи не станува збор за одбивање на долгорочни инвестиции, туку за селекција каде парите се пофлексибилни и каде инвеститорите гледаат поголема контрола и побрза заработка.

    Паралелно со финансиските вложувања, расте и интересот за недвижности во странство. Во 2025 година македонските граѓани вложиле 21 милион евра во недвижности во Грција, во споредба со 19 милиони евра во 2024.

    Што следува?

    Овој тренд отвора суштинско прашање за иднината на домашниот финансиски систем: дали ќе успее да понуди доволно можности за да го задржи овој капитал?

    Ако домашниот пазар не се развива побрзо, логично е да се очекува дека излезот кон странство ќе продолжи. Но тоа не мора да биде негативен процес. Напротив, може да значи дека македонските инвеститори стануваат дел од глобалната финансиска динамика.

    Она што е сигурно е дека едноставните модели на штедење веќе не важат. Македонските граѓани и компании веќе не прашуваат „каде е најбезбедно“, туку и каде има најголем принос. И токму во тој одговор се крие новото лице на македонското инвестирање.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично