Речиси четири од десет македонски домаќинства и натаму се греат на дрва, што го задржува овој енергент на првото место, и покрај сè поголемата употреба на електрична енергија и современи системи за греење. Огревно дрво заедно со дрвените отпадоци и овошните насади има учество од 38,2 отсто. Електричната енергија следи со 24,6 отсто, а речиси секое петто домаќинство, односно 18,6 отсто, користи комбинација од повеќе енергенти.
Во структурата на греењето, топлинската енергија учествува со 10,8 отсто, пелетите со 7,5 отсто, а нафтата за ложење е речиси маргинална со само 0,3 отсто. Државниот заввод за статистика ги објави податоците добиени од Анкетата за потрошувачка на енергија во домаќинствата во 2024 година.
Вкупната потрошувачка на дрво во домаќинствата изнесувала 1.057.290 кубни метри, односно 1.510.414 просторни метри. Истовремено, биле потрошени 3.150.348 мегават-часови електрична енергија, 402.815 мегават-часови топлинска енергија, 2.543.185 килограми течен нафтен гас и 3.613.848 литри нафта за ложење.
Податоците по региони покажуваат дека најголем дел од потрошувачката на електрична енергија и нафтени деривати е концентриран во Скопскиот Регион, додека дрвото како енергент е широко распространето во сите региони, со особено високи вредности во Пелагонискиот и Југозападниот Регион.

И покрај тоа што огревното дрво го задржува приматот, сè позастапена е и електричната енергија преку зголемената употреба на електрични уреди за греење и догревање. Најголема примена во 2024 година имале клима-уредите инвертери со вкупно 277.115 уреди во домаќинствата. На растот веројатно придонесуваат и државните субвенции за набавка на инвертер клима-уреди.
Паралелно со тоа, од анкетата произлегло дека домаќинствата сè повеќе користат и машини за миење садови, за сушење алишта, како и микробранови печки. Наспроти тоа, се губи интересот за фрижидерите со една врата и за посебните уреди за длабоко замрзнување.
Значаен раст се бележи и кај обновливите извори. Во 2024 година, 91.545 домаќинства имале инсталирано соларни колектори, со вкупна површина од 227.686 метри квадратни. Зголемената бројност на домаќинствата се совпаѓа со мерките за поддршка на инвестиции во обновливи извори на енергија.
Во 2024 година, просечната површина на живеалиштата изнесувала 91,93 метри квадратни, а просечно се загревале 49,99 квадрати или 54,4 отсто од вкупната станбена површина. Просечниот број на лица по домаќинство изнесувал 3,04. Тоа, исто така го потврдува трендот на намалување на просечниот број на семејствата, односно на домаќинствата.
Во делот на енергетската достапност, 10,6 отсто од домаќинствата изјавиле дека секогаш имаат тешкотии при плаќање на сметките за енергија или набавка на енергенти, додека 40 отсто изјавиле дека никогаш немаат такви проблеми.
Аналитика








