ПОВЕЌЕ

    Чисти влезови, чиста добивка: Со метла заработени 4,5 милиони евра

    Време зa читање: 4 минути

    Како што се градат нови станбени и деловни објекти, толку повеќе расте и потребата од нивно одржување. Дејноста што директно профитира од градежната експанзија лани генерирала приходи од речиси 47,3 милиони евра, остварила добивка од 4,5 милиони евра и обезбедила работа за над 3.100 лица. Но, додека компаниите отвораат нови работни места и заработуваат повеќе, платите во секторот што се занимава со управување и одржување хигиена во згради бележат благ пад.

    Сето ова е остварување на 227 компании, чиишто вкупни приходи во 2025 година се поголеми за 14,26 насто, а добивката е повисока за 22,97 насто. Истовремено, според податоците на Бизнис Мрежа користени во анализата на Пари, бројот на вработените е зголемен за 8,92 насто и достигнал 3.139 лица. Единствениот негативен показател ја следи просечната плата, која се намалила за 2,22 отсто и изнесувала 22.716 денари.

    Извор: Бизнис Мрежа

    ТРИТЕ НАЈГОЛЕМИ ФИРМИ СО 14 МИЛИОНИ ЕВРА ПРИХОДИ

    Речиси две третини или 61,97 отсто од приходите во дејноста ги создаваат десетте најголеми компании. Минатогодишниот заеднички резултат е во износ од 29,3 милиони евра, а го следи позитивна годишна промена од 22,59 насто.

    Меѓу нив, кај трите најголеми се слеала речиси половина од приходите. Лидер е Ланд-сервис со 5,6 милиони евра, резултат што е за скоро 79,4 насто повисок од претходниот во 2024 година. На второто место е Серта со 5,1 милион евра (+ 12,79 %), а на третото е Бигор клининг со 3,3 милиони евра и со раст од 57,10 насто.

    Сепак, обемот на работа најмногу се проширил кај Хаузмајстор фасилити, што се одразило со раст на приходите од 456 насто. Од 582 илјади на 3,2 милиони евра.

    Од друга страна, две компании бележат значителен пад. Во Хауз мајстор плус приходите се намалиле за 38,15 отсто. Работите лошо се одвивале кај Бапал Благој – од 3 милиони преклани, приходите лани паднале на 1,8 милиони евра (- 40,63 %), а во меѓувреме фирмата отишла во стечај.

    Извор: Бизнис Мрежа

    ТОП 10 ГО НАТФРЛИЛЕ ПРОФИТОТ ЗА 38,89 %

    Десетте најпрофитабилни компании заедно оствариле добивка од 2,5 милиони евра. Тоа е за безмалку 38,9 насто повеќе од претходната година.

    На врвот е Бигор клининг со добивка од 521,6 илјади евра, пред Серта со 514,2 илјади евра и Ланд-сервис со 420,3 илјади евра.

    Особено се издвојува Серта, со профитот зголемен за 331,72 насто. Но, апсолутен рекордер според процентуалниот раст е Инфинити клининг Гроуп. На фирмата добро ѝ тргнало, па лани добивката се зголемила за 728,74 насто – од 18 илјади на 149,3 илјади евра. Висок раст од речиси 223 насто е заведен и во билансот на Техно хигиена од Струмица.

    Во групата на најпрофитабилните има и неколку фирми чијашто заработка претрпела минимални негативни корекции: Глобе Виллиамс (- 3,99 %), Нова-Груп Дом (- 3,89 %), Хаузмајстор фасилити (- 2,98 %) и Патрол-ЛТД (- 0,18 %).

    Извор: Бизнис Мрежа

    Генерално, движењата кај приходите и уште поизразените трендови на раст кај добивката упатуваат на сè поголема побарувачка за организирано управување и одржување на хигиената во станбените и деловните објекти. И од традиционалната комунална услуга секторот се трансформира во профитабилна услужна индустрија.

    Маја Анастасова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично