
Повеќе пари за патишта, железница и локални инфраструктурни проекти, но и повисок буџетски дефицит. Владата го усвои ребалансот на Буџетот за 2026 година со кој капиталните расходи се зголемуваат за 5,8 милијарди денари, додека дефицитот достигнува 46,1 милијарди денари или 4,1 процент од БДП.
Според министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, дополнителното задолжување нема да се користи за тековна потрошувачка, туку за инфраструктурни проекти и развојни инвестиции.
Со усвоените измени и дополнувања на Буџетот за 2026 година, Владата ги усогласува буџетските проекции со актуелните економски услови и обезбедува дополнителни средства за реализација на развојните приоритети. Ребалансот е подготвен во услови на зголемена глобална економска и геополитичка неизвесност, предизвикана од движењата на енергетските пазари и случувањата во одделни региони, но според Министерството за финансии, домашната економија и понатаму покажува отпорност.
Со ребалансот, вкупните приходи се ревидираат на 379,2 милијарди денари, додека даночните приходи остануваат речиси на првично планираното ниво и се проектирани на 213,2 милијарди денари.
На расходната страна, вкупните расходи се зголемуваат на 425,2 милијарди денари. Дополнителните средства ќе бидат насочени кон земјоделските субвенции, поддршка на железничкиот сообраќај, спортот, студентскиот и ученичкиот стандард, како и кон социјалните програми за најранливите категории граѓани.
Најголемото зголемување е кај капиталните инвестиции. За нив се предвидени околу 46 милијарди денари, што е за 5,8 милијарди денари или 14,5 проценти повеќе во однос на иницијалниот Буџет.
„Не зборуваме за дефицит кој финансира тековна потрошувачка, туку за дефицит кој финансира развој“, истакна министерката Димитриеска-Кочоска на прес-конференцијата по владината седница.
Дополнителните средства ќе бидат насочени кон реализација на неколку крупни инфраструктурни проекти, меѓу кои Коридорот 8 и Коридорот 10-д, автопатот Скопје – Блаце и железничкиот Коридор VIII. Дел од средствата ќе се инвестираат и во водоводни и канализациски системи, пречистителни станици, системи за управување со отпад, проекти за енергетска ефикасност, како и во изградба и реконструкција на училишта, градинки и студентски домови.
Поголема финансиска поддршка ќе добијат и општините преку инвестиции во локалната патна и комунална инфраструктура, образовни и спортски објекти, со цел рамномерен регионален развој и подобрување на условите за живот во сите делови на државата.
За финансирање на буџетскиот дефицит и отплата на доспеаните обврски ќе бидат потребни вкупно 76,4 милијарди денари. Од нив, над 54 милијарди денари се наменети за сервисирање на обврските кон странските кредитори, додека околу 20 милијарди денари за отплата на домашниот долг.
Од Министерството за финансии оценуваат дека со ребалансот се обезбедува простор за поголема инвестициска активност, поддршка на економскиот раст и одржување на стабилни јавни финансии и во услови на засилена глобална неизвесност.
Аналитика








