Најголемата крипто берза во светот, Бинанс ќе ја загуби дозволата за работа со клиентите на Европската Унија од следниот месец, бидејќи нејзиното барање за лиценца ќе биде одбиено од страна на грчкиот регулатор на пазарот, објави Ројтерс, повикувајќи се на две лица запознаени со ова прашање.
Според новите правила на ЕУ, наречени „МиКА“, крипто фирмите имаат рок до крајот на јуни да добијат лиценца во сите 27 држави од блокот што ќе им овозможи да продолжат да им служат на клиентите низ целиот блок. Но, барањето на Бинанс, поднесено до грчкиот регулатор на пазарот, ќе биде одбиено, велат изворите.
„Упативме барање за лиценца за MiCA и конструктивно соработувавме со регулаторите во текот на изминатите 18 месеци, вклучително и преку сеопфатен процес на аплицирање со HCMC во Грција. Според нашето разбирање, HCMC го заврши прегледот на апликацијата и сметаше дека е во согласност со барањата на MiCA, а апликацијата беше разгледана и на ниво на ESMA. Веруваме дека ставот на HCMC е дека апликацијата била во согласност со барањата и дека имале намера да ја продолжат лиценцата и да продолжат со овластувањето на претстојниот состанок на Одборот“, изјави Binance во својата официјална изјава.
HCMC одби да коментира за барањето на Binance, повикувајќи се на правилата за доверливост. Без лиценца, Binance нема да се квалификува да продолжи да работи во ЕУ од почетокот на јули.
Европските регулатори се обидуваат да ги ограничат крипто берзите, кои им овозможуваат на луѓето да тргуваат со криптовалути како што е биткоинот низ целиот свет.
Според новите правила на ЕУ, крипто компаниите мора да аплицираат за лиценци од регулаторите во поединечните земји од ЕУ, кои можат да ги користат како „пасош“ за работа низ целиот блок од 27 земји.
Во прашање е надзорот врз крипто индустријата вредна повеќе трилиони долари, за која регулаторите долго време предупредуваат дека може да ги дестабилизира пазарите и да им наштети на инвеститорите доколку не биде правилно надгледувана.
Грчкото отфрлање би значело дека Binance нема да добие зелено светло за работа во ЕУ, оставајќи ја судбината на клиентите на Binance со седиште во блокот неизвесна.
Binance објави на X откако беше објавен извештајот на Ројтерс дека има намера да „поддржи уреден процес и да ги минимизира нарушувањата за нашите корисници“, без да даде дополнителни детали.
Портпаролот на Binance, кој има 300 милиони клиенти ширум светот, претходно изјави дека бара лиценца за MiCA и дека соработува со регулаторите 18 месеци.
Binance верува дека ги исполнил условите за да биде овластен од MiCA, рече портпаролот. Разбрале дека Грчката комисија за капитален пазар (HCMC) го завршила прегледот на апликацијата и дека таа се смета за усогласена. „HCMC не дала никакви формални индикации за спротивното“, изјави портпаролот за Ројтерс.
Ко-извршниот директор на Binance, Ричард Тенг, изјави во февруари дека работната сила и безбедносниот профил на Грција ѝ даваат предност пред поголемите финансиски центри за нејзиниот регулаторен дом во Европа.
Неговиот претходник и основач на Binance, Чангпенг Жао, познат како CZ, беше помилуван од американскиот претседател Доналд Трамп минатата година откако претходно се изјасни за виновен за кршење на американските закони за перење пари.
Правилата на ЕУ донесоа регулаторен надзор врз работењето на крипто индустријата во Европа.
„Ќе обезбедиме дополнително ажурирање пред 30 јуни 2026 година“, рече Binance, додавајќи дека одложувањата во процесот на овластување на MiCA ризикуваат да ја поттикнат активноста надвор од ЕУ.
Криптовалутите се форма на дигитални пари, евидентирани во еден вид книга наречена блокчејн.
Аналитика








