
М-р Марија Кукуноска учествуваше на Barcelona SME Resilience Forum 2026
На 28 и 29 април 2026 година во Барселона се одржа Barcelona SME Resilience Forum 2026, организиран од United Nations Office for Disaster Risk Reduction (UNDRR), Стопанската комора на Барселона и Градскиот совет на Барселона. Форумот ги обедини претставниците на локалните власти, стопанските комори, бизнис асоцијациите, микро, малите и средните претпријатија (ММСП), како и експерти и партнери од областа на отпорноста и управувањето со ризици од цела Европа.

Настанот беше посветен на презентирање на успешните резултати од иницијативата на UNDRR за зајакнување на отпорноста на микро, малите и средните претпријатија кон природни катастрофи и системски ризици, преку развој на практични алатки, партнерства и механизми за поддршка на бизнис секторот. Форумот воедно означи премин од проектна фаза кон воспоставување одржливи услуги за поддршка на отпорноста на претпријатијата, предводени од локалните власти и деловните заедници.

Меѓу учесниците на форумот беше и м-р Марија Кукуноска, член на Управниот одбор на Сојузот на стопански комори на Македонија, основач и генерален директор на Premium Safety Solution, која имаше можност непосредно да се запознае со добрите европски практики во областа на деловната отпорност, управувањето со ризици и континуитетот на работењето.
Претставен беше проектот инициран од страна на United Nations Office for Disaster Risk Reduction (UNDRR) и United Nations Development Programme (UNDP), чија цел е да им помогне на микро, малите и средните претпријатија да развијат практични и функционални планови за континуитет на работењето, согласно принципите на меѓународниот стандард ISO 22301:2019 – Системи за управување со континуитет на работењето.
Проектот претставува значајна алатка за јакнење на отпорноста на компаниите кон различни ризици, вклучувајќи природни катастрофи, пожари, техничко-технолошки несреќи, сајбер закани, економски кризи и други непредвидени настани кои можат да предизвикаат прекин на деловните процеси.
„Овој проект претставува одличен пример како меѓународните организации можат да обезбедат конкретна поддршка за малите и средни претпријатија. Неговата вредност е во тоа што нуди едноставен, практичен и постепен пристап кон воспоставување системи за континуитет на работењето, без притоа да создава дополнителен административен товар за компаниите. Сметам дека имплементацијата на ваков проект во Македонија би имала исклучително големо значење за македонските ММСП и би придонела за нивна поголема стабилност, конкурентност и подготвеност за справување со кризни ситуации“, истакна Кукуноска.
Во рамки на работната посета на Барселона, м-р Марија Кукуноска беше дел од меѓународната делегација која оствари теренска посета на Оперативниот центар за животна средина и урбани услуги (Operations Centre for Environmental and Urban Services), организирана од Градскиот совет на Барселона. За време на посетата беа презентирани современи практики за координација и управување со урбани услуги, следење на ризици, одговор при вонредни ситуации и обезбедување континуитет на критичните функции на градот.
Микро, малите и средните претпријатија претставуваат столб на македонската економија, а нивната способност да продолжат со работа и во услови на криза е од суштинско значење за зачувување на работните места, економската активност и локалниот развој.
Посетата на Барселона претставува уште еден чекор кон воспоставување нови партнерства и отворање можности за пренесување на успешни меѓународни искуства и модели кои можат да придонесат за одржлив развој и поголема безбедност на македонските компании.
Како член на Управниот одбор на Сојузот на стопански комори на Македонија, м-р Марија Кукуноска ќе иницира отворање на дискусија за можностите за имплементација на ваков модел – проект и во Република Северна Македонија. Ваквата иницијатива би претставувала значаен чекор кон јакнење на деловната отпорност на микро, малите и средните претпријатија, преку воспоставување практични механизми за управување со ризици, континуитет на работењето и побрзо закрепнување по кризни настани.
Аналитика








