
Со инвестиција од околу 8 милиони евра, компанијата „Адора Бизнис Групација“ го отвори Домот за стари лица „ПУСЗ Оаза by Adora“ во Општина Илинден, кој важи за најсовремен и најголем објект од ваков тип во регионот.
На свеченото пуштање во употреба присуствуваше премиерот Христијан Мицкоски, кој оцени дека станува збор за значајна приватна инвестиција што директно придонесува за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.

Лоциран во Општина Илинден, комплексот располага со капацитет за 150 корисници, додека во првата фаза ќе бидат згрижени 64 лица. Концептот на функционирање е заснован на целосна здравствена, социјална и психофизичка поддршка, со цел на повозрасните лица да им обезбеди достоинствен живот, сигурност и активно секојдневие.

Во состав на домот функционираат сопствена амбуланта „Оаза Медика“, амбулантно возило, современо опремена сала за физикална терапија, фризерско студио и „Оаза“ кафе-бар наменет за корисниците, посетителите и нивните семејства. Дел од комплексот е и „Парк Оаза“, уреден зелен простор за прошетки, рекреација и социјални активности.

Комплексот се простира на околу 8.000 квадратни метри, од кои повеќе од 3.000 квадратни метри се зелени површини. Објектот е проектиран како самостоен и енергетски ефикасен комплекс со современи системи и соларни панели, развиен според европски концепти и искуства стекнати преку посети на слични установи во Италија и Швајцарија.

Сместувачките капацитети се прилагодени за корисници со различен степен на зависност и здравствени состојби, со можност за краткотраен и долготраен престој. Во рамките на домот е предвиден и посебен оддел за лица со деменција, каде се обезбедува специјализирана нега преку терапевтска средина која вклучува музикотерапија, ароматерапија и техники за поттикнување на спомени преку познати звуци и мириси.
Обраќајќи се на отворањето, премиерот Мицкоски нагласи дека Владата ќе продолжи да ги поддржува приватните иницијативи што носат додадена вредност за општеството.
„Денеска сме овде да го одбележиме отворањето на овој прекрасен објект, приватна инвестиција целосно. Наша цел и задача како Влада е да поддржуваме приватни иницијативи, посебно кога тие иницијативи имаат цел да го олеснат животот и да го зголемат квалитетот на животот на нашите сограѓани“, рече Мицкоски.
Тој му честиташе на инвеститорот, оценувајќи дека вложувањата во вакви проекти претставуваат пример за одговорно претприемништво.
„За мене луѓето коишто влегуваат во вакви инвестиции се во суштина најголемите патриоти, коишто обезбедуваат едно работно место повеќе и се грижат да обезбедат плата повеќе во месецот“, истакна премиерот.
Според него, успешниот бизнис и успешната држава се меѓусебно поврзани.
„Колку е поуспешен бизнисот, толку е и државата поуспешна, а колку е државата поуспешна, толку и бизнисот е поуспешен. Тоа е двонасочна улица“, рече Мицкоски.
„ПУСЗ Оаза“ е најновиот проект на „Адора Бизнис Групација“, компанија која веќе 24 години работи во државата и регионот. Од компанијата посочуваат дека овој проект не го гледаат само како деловна инвестиција, туку и како придонес кон заедницата преку обезбедување современа, безбедна и достоинствена грижа за повозрасните лица.
Видео презентација од објектот: https://youtu.be/tvfaCshJ6Sk
Аналитика








