
Минатата година, како што веќе објави Пари, во обложувалниците и игрите на среќа се свртеле 852,2 милиони евра. Но, која фирма била најпривлечна за граѓаните за да пополнат ливче или да притиснат на машината со надеж дека ги чека нивната добитна комбинација? Кои од спортските обложувалници и од казината успеале од оваа навика, или повремена забава, да извлечат најголема корист?
Анализата на Пари во соработка со Бизнис мрежа покажува дека во десетте најприходни компании од овој сектор со педесетина фирми, има промет од дури 638,5 милиони евра, што значи дека тие држат 75 насто од бизнисот.
На сите компании од првата десетка приходот им се зголемил во 2025 година во однос на 2024 година, освен на најпрометната ПРО-БЕТИНГ, каде што е евидентиран пад на приходот од 5 насто, но тоа не ја симнало од тронот како најпосетувано место со апарати за игри на среќа.
Кај добивките има поголема разноликост – четири од десетте најпрофитабилни компании се со намалени добивки.
ПРО-БЕТИНГ Е ЦАР НА ИГРАТА
ПРО-БЕТИНГ, како што покажуваат и поранешните анализи на Пари, редовно е на првото место по промет, односно е неприкосновен цар на играта. Таму лани се свртеле 170,7 милиони евра, или секој петти оставен денар во светот на хазардот завршил токму тука.
На второто место е СПОРТ-ЛАИФ ТРЕЈД со приход од 92,6 милиони евра, додека третата позиција, со 82,8 милиони евра, ја држи Државната видеолотарија во партнерство со Касинос Аустриа.
Меѓу најголемите играчи се и ДЕЛТА БЕТ, Државната лотарија, КЛУБ СПОРТ 77, МА ГАМИНГ и АПЕКС МК, компанија што бележи и најголем раст на приходот – дури 58,4 насто во однос на претходната година.
Извор: Бизнис мрежа
ДРЖАВНАТА ВИДЕОЛОТАРИЈА ИМА ПАД НА ДОБИВКАТА ОД 69,7 НАСТО
Но, високите приходи не значат секогаш и најголема заработка. Кога станува збор за добивката, листата изгледа поинаку. ПРО-БЕТИНГ, со профит од 760.000 евра, ја нема во друштвото на најпрофитабилни компании.
Најпрофитабилна компанија во секторот е АПЕКС МК, која во 2025 година остварила добивка од 13,6 милиони евра – дури 79,8 насто повеќе од претходната година.
Веднаш зад неа е Државната лотарија со добивка од 11,8 милиони евра и раст од 32,4 насто. На третото место се наоѓа Касинос Аустриа Интернационал Македонија со 8,7 милиони евра добивка.
Особено впечатлив е падот кај Државната видеолотарија во партнерство со Касинос Аустриа, каде што добивката е 5,9 милиони евра и е намалена за речиси 70 насто во однос на 2024 година.
Извор: Бизнис мрежа
Игрите на среќа се еден од најстарите занаети, кој не престанува да ја бранува јавноста. Секторот не создава вредност, туку акумулира пари од населението. За многу луѓе игрите на среќа се форма на рекреација и адреналинска терапија, но многумина паѓаат и во замката наречена зависност. Секторот истовремено вработува, плаќа данок што го користи и државата, која исто така се јавува како приредувач на игри на среќа и остварува профит.

Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








