ПОВЕЌЕ

    Нептун е меѓу најголемите работодавци, но и меѓу најдобрите по плати

    Време зa читање: 4 минути

    Зад секој продаден фрижидер, телевизор, клима-уред или машина за перење стојат продавачи, сервисери, магационери, логистичари и технички тимови што го одржуваат еден од најдинамичните малопродажни пазари во земјата. Трговијата со бела техника не е само приказна за продажба на апарати, туку и за луѓето што ја движат индустријата.

    Податоците кои ги анализираше Пари од Бизнис Мрежа покажуваат дека во 2025 година, кај 157 компании од дејноста Трговија на мало со електрични апарати за домаќинствата, биле ангажирани 1.781 работник, што е за 6,26 насто повеќе во споредба со претходната година. Во исто време растеле и платите. Просечната плата во дејноста достигнала 25.780 денари, што претставува зголемување од 10,11 насто.

    Впечатливо е што листата на најголеми работодавачи речиси целосно се поклопува со листата на компании што доминираат по приход. Но, кај платите сликата е сосем поинаква – таму се појавуваат компании што воопшто ги нема меѓу лидерите по приход и добивка.

    ОД ТОСТЕР ДО КЛИМА-УРЕД: Колку лани се трошеше на апарати за домаќинство?

    ЧЕТИРИ КОМПАНИИ ВРАБОТУВААТ ОКОЛУ ТРИ ЧЕТВРТИНИ ОД ВКУПНИОТ БРОЈ НА ВРАБОТЕНИ

    И кога станува збор за бројот на вработени, секторот има два апсолутни гиганти. Сетек во 2025 година вработувал 572 лица, што е раст од 18,18 насто во однос на претходната година. Веднаш зад него е Нептун со 432 вработени и раст од 5,37 насто.

    Само овие две компании заедно вработуваат 1.004 лица, односно повеќе од половина од сите работници ангажирани во дејноста. Тоа доволно зборува за нивната доминација во продажбата и во оперативната инфраструктура.

    По нив следува Техномаркет со 206 вработени и Алфи Би Компани со 130 лица. Интересно е што токму овие четири компании се и најголемите според приход, што покажува директна врска меѓу големината на продажната мрежа и финансиските резултати.

    Особено впечатлив е податокот дека Сетек, Нептун, Техномаркет и Алфи Би Компани заедно вработуваат 1.340 лица, што претставува околу три четвртини од вкупниот број работници во целата дејност.

    Кај останатите компании бројките се значително пониски. Џиви има 25 вработени, Електромеханика Гушев 19, Филаделфија 18, а Неџо-Комерц и Енергија по 17 лица. Тоа уште еднаш ја потврдува концентрацијата на пазарот кај неколку големи играчи.

    Интересно е што листата по број на вработени речиси целосно се совпаѓа со листите по приход и добивка. Единствен исклучок е Филаделфија од Кочани, која не беше меѓу водечките компании по приход, но успева да се најде и меѓу најголемите работодавци и меѓу најпрофитабилните компании во секторот.

    Извор: Бизнис Мрежа

    ПЛАТНАТА ЛИСТА ОТКРИВА ПОИНАКВА СЛИКА

    Додека кај вработеноста доминираат големите трговски синџири, кај платите ситуацијата е значително поинаква.

    На врвот е охридската Смартус А-Медиа со двајца вработени, со просечна плата од 63.924 денари, што е за 13,74 насто повеќе од претходната година. Веднаш зад неа е Грее Клима Системи од Струга со 51.734 денари, плата што ја зема само еден вработен. Тука платата скокнала за дури 373,58 насто.

    Меѓу компаниите со највисоки примања се издвојува и Нептун Македонија, со просечна плата од 48.790 денари и раст од 8,61 насто. Тоа е особено значајно ако се земе предвид дека Нептун е единствената компанија што истовремено се наоѓа меѓу лидерите по приход, добивка, број на вработени и плати. Со други зборови, компанијата не само што продава најмногу, туку успева да обезбеди и натпросечни примања за својот голем колектив од 432 работници, што е реткост.

    Во ова друштво е и Енергија ДОО Скопје, со просечна плата од 45.137 денари за вкупно 17 вработени. Компанијата, која е специјализирана за продажба, проектирање и изведување системи за климатизација, ладење и греење, е една од ретките што се појавува и во листите по приход и добивка, а воедно е и меѓу најдобрите по плати.

    Останатите компании од платната листа, Смартус А-Медиа, Грее Клима Системи, Сколекс, Хоум Роботс, Еливал, Вал-Тхерм, Електро Милд и Греесторе Гроуп, не се појавуваат меѓу десетте најголеми по приход или добивка.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Катерина Михајлова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично