ПОВЕЌЕ

    Менувачниците свртеле 18,7 милиони, а направиле профит од 1,2 милиони евра

    Време зa читање: 5 минути

    Менувачкиот пазар во Македонија претставува мал простор со значајна улога, особено во готовинските трансакции и локалниот девизен промет. Се развива и функционира повеќе од три децении, а првичната цел поради која беше востановен – сузбивање на уличниот шверц со девизи, одамна е заборавена.

    Овој сегмент, кој опфаќа 195 специјализирани менувачници од дејноста посредување во работењето co хартии од вредност и стоковни договори (66.120), минатата година направил промет од 18,7 милиони евра и остварил добивка од 1,2 милиони евра. Приходите се зголемиле за повеќе од 12,8 насто во однос на претходната 2024 година, но профитот опаднал за 3,46 насто. Сето тоа се одвивало во услови на низок раст на вработеноста од речиси 2,5 насто, како и на скромно поместување на платите од 7,45 насто. Во секторот работат 371 лице, а просекот на месечните примања достигнал 25.412 денари.

    Извор: Бизнис Мрежа

    НАЈГОЛЕМ МЕНУВАЧКИ ПРОМЕТ Е НАПРАВЕН ВО ВИНИЦА

    И во менувачката, како и во повеќето други дејности, најголемиот дел од работата ја држат десетина фирми. Податоците од Бизнис Мрежа, користени и во оваа анализа на Пари, укажуваат на поединечна доминација.

    Пред сѐ, најголемите десет по приход генерирале 78,07 насто од вкупниот промет. Во таа конкуренција, само една менувачница – Пепи од Виница, учествува со околу 53 насто од вкупниот приход на листата топ 10 најголеми по приход. Останатите девет менувачници заедно имаат значително помал удел.

    Исто така, интересен е и фактот дека само три од најприходните имаат скопска адреса, а само една се рангира во првата половина од табелата. На врвот, по виничката, се две менувачници од Тетово. Единствено тие имаат приходи во милиони евра.

    Сепак, без конкуренција е Пепи со 9,9 милиони евра. Од градот што во 2021 година броел 14.475 жители масовно се исселуваат семејства и млади, кои среќата ја бараат во западноевропските земји, најчесто во Италија и Швајцарија. Оттаму е и претпоставката дека големиот прилив на девизи од иселениците веројатно придонесува за високиот обем на работа во овој сегмент.

    Разликата со наредните две е огромна: Трејо на приходната страна има реализација од 1,5 милиони, а Гаекс 1,1 милион евра.

    Кај другите менувачи приходите се изразени во илјадници евра, од 173,2 илјади (Минт менувачница Битола) до 457,6 илјади евра (Интернационал каренси ексчејнџ Македонија од Мралино).

    Од аспект на растот, спектакуларно може да се нарече движењето од 313.951,05 насто регистрирано во скопската менувачница Инез. Од пријавените 60 евра во 2024 година, приходот нараснал на 188,9 илјади евра. Поголем исчекор, од над 1.200 насто, е направен во тетовски Трејо.

    Движењата по спротивната линија не се толку драстични: највисокиот негативен процент е запишан во книгите на Лита-комерц од Желино (– 21,72 %), а следат Гаекс (– 13,13 %), Интернационал каренси ексчејнџ  (– 5,96 %) и Форекс-Плус (– 3,85 %).

    Извор: Бизнис Мрежа

    ПРОФИТОТ СЕ ДВИЖИ ОД 19 ИЛЈАДИ ДО 318 ИЛЈАДИ ЕВРА

    Високиот приход, мошне често, не е предуслов за висок профит. Така, и на листата топ 10 според најголема добивка се застапени четири од претходно споменатите фирми. Дури ја нема ниту менувачницата Пепи, чија заработка се чини нереална – од нецели 1.900 евра и тоа за 1.842,97 насто подобра од пријавените 97 евра за 2024 година!

    Заедничката добивка на топ 10-те менувачници е во износ од 751,9 илјади евра и претставува 62,6 насто од вкупната добивка на целиот сектор (1,2 милиони евра). Сепак, годишната промена заостанува зад процентуалниот раст на вкупниот приход и изнесува 4,97 насто.

    Сопственик на најголемиот профит од 318,3 илјади евра е Форекс-Плус. Воедно, самостојно учествува со околу 26,5 насто во вкупната добивка на секторот. Повеќе од двојно е пониска добивката на второрангираниот Апридо од 141,1 илјада евра. А веќе наредната, струмичката менувачница Глигорови-БМС, има остварување од 77 илјади евра.

    Како што се оди кон втората половина и кон крајот на листата, разликите се уште поизразени. На пример, добивката на последните три менувачници не досега ниту до 20, односно до 25 илјади евра.

    Притоа, најголем раст на добивката, од 207,63 насто, бележи менувачницата што е на последното место – ЕССА, со износ од 19 илјади евра. Позначајни зголемувања има и кај Симтел Тони (+ 141,26 %) и Еуро-ПОП 87 (+ 70,88 %). Најголем пад, пак, од 67,26 насто, бележи Интернационал каренси ексчејнџ.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Маја Анастасова


    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

     

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично