ПОВЕЌЕ

    Менувачниците бројат милиони, а вработените илјадарки

    Време зa читање: 5 минути

    Во менувачниците низ Македонија има многу пари и малку вработени. Природата на работата не бара ангажман на бројна и посебно квалификувана работна сила, па овој сектор не може да биде значаен работодавач. Кога станува збор за месечните примања, просекот е на нивото на минималната плата. Но, и во тој сегмент има исклучоци што го следат непишаното правило – малку луѓе, големи износи.

    Минатата година, во 195 менувачници биле ангажирани 371 лице, што е за деветмина повеќе во однос на претходната 2024 година. Тоа е скромен раст од 2,49 насто кој, пак, е во расчекор со движењето реализирано кај приходите од 12,85 насто. Истовремено, просечната плата се зголемила за 7,45 насто, достигнувајќи 25.412 денари. Заработката растела побрзо од бројот на вработените, но и натаму останува на ниско ниво.

    Извор: Бизнис Мрежа

    ДЕСЕТ МЕНУВАЧНИЦИ – 87 ВРАБОТЕНИ

    Од анализата на Пари базирана на податоците од Бизнис Мрежа произлегува дека речиси четвртина од вкупниот број вработени е кадар на десет менувачници. Станува збор за 87 лица, односно за 23,45 насто од работната сила во секторот.

    Најголем работодавач е Интернационал цурренцу ексцханге Македонија од Мралино, со 15 вработени. Следува Цемак експорт од Прилеп со 13, додека скопската менувачница Апридо и битолската Минт менувачница имаат по 10 вработени.

    Најголем релативен раст на бројната состојба од 50 насто е регистриран во Смарт менувачница. Процентите ја одразуваат промената од четворица на шестмина вработени. Повисоко зголемување бележат и Цемак експорт (+ 18,18 %), Форекс-Плус (+ 16,67 %) и Апридо (+ 11,11 %).

    Од друга страна, намалување на бројот на вработени има само кај Сити конвертер. Во 2024 година работата ја извршувале десетмина, а лани деветмина, што е означено со пад од 10 насто. Кај четири менувачници нема промена во однос на бројот на вработените лица.

    Извор: Бизнис Мрежа

    КАЈ НАЈГОЛЕМИТЕ РАБОТОДАВАЧИ ПРОСЕКОТ Е ОД 20 ДО 37 ИЛЈАДИ ДЕНАРИ

    Најголемиот работодавач обезбедува и највисоки плати – просекот во Интернационал цурренцу ексцханге е 37.469 денари. На речиси исто ниво е и просечната плата во Сити конвертер од 37.312 денари.

    Над прагот од 30 илјади денари се и Минт менувачница со 32.416 денари и Апридо со 32.106 денари. Најниски просечни примања во оваа група имаат Смарт менувачница со 20.194 денари и Сан-Коо со 20.412 денари.

    Најголем раст на платите има токму во Смарт менувачница, каде што просекот е речиси удвоен и е повисок за 91,23 насто. Една година претходно бил 10.560 денари. Следува Минт менувачница со годишно зголемување од 39,47 насто.

    И покрај тоа што платите не се мотивирачки, во негативна зона се појавуваат четири компании. Најголем пад на просечните месечни примања има кај Сан-Коо (– 10,79 %), пред Интернационал цурренцу ексцханге Македонија (– 4,69 %), Б И Б Џемаљ (– 3,49 %) и Форекс-Плус (– 1,95).

    Извор: Бизнис Мрежа

    КАДЕ ШТО ИМА ОД ЕДЕН ДО ТРОЈЦА ВРАБОТЕНИ – ТАМУ СЕ И НАЈВИСОКИТЕ ПЛАТИ

    Листата на компании со највисоки плати открива сосем поинаква слика од онаа кај приходите, добивките и вработеноста. Поголемиот дел од менувачниците што исплаќаат највисоки примања воопшто не се појавуваат меѓу лидерите во другите сегменти. Исклучок е единствено Интернационал цурренцу ексцханге, која во ова друштво го зазема последното место.

    Причината е едноставна – се работи за менувачници со многу мал број вработени, најчесто од еден до тројца. Токму затоа високите примања наменети за сопствениците или за малкумина ангажирани значително го креваат просекот.

    На врвот е Бум-Т од Охрид, каде што единствениот вработен примал просечна месечна плата од 69.776 денари. Следува Валута-М 2017 од Ајватовци со 50.251 денар и тројца вработени, додека на третата позиција е Ауреус од Куманово со 43.373 денари и исто така, со само еден вработен.

    Освен тоа, овој кумановски менувач се издвојува и со најголемото зголемување на платата меѓу најдобро платените менувачници, од 80,98 насто. Всушност, во тој ред се и другите две менувачници од ударната тројка – Валута-М 2017 (+ 52,72 %) и Бум-Т (+ 31,44 %).

    Сепак, и на оваа листа се забележливи негативни корекции. Тоа е направено во рамките на Еуро берза Јусуф (– 15,60 %) и на Интернационал цурренцу ексцханге Македонија (– 4,69 %).

    Извор: Бизнис Мрежа

    Менувачниците се важен дел од готовинскиот и девизниот промет во земјата. Зад добро обезбедените шалтери, низ рацете на неколкуте стотици вработени секојдневно минуваат големи количини денари, евра, долари… Сепак, на крајот од месецот, повеќето од нив бројат на ситно.

    Маја Анастасова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично