
Македонската економија успеа да остане стабилна и покрај серијата глобални кризи во изминатите години, но ако сака побрзо да се приближува кон европскиот животен стандард ќе мора да инвестира повеќе во продуктивност, технологија, иновации и дигитална трансформација. Ова беше една од клучните пораки што ги испрати вицегувернерката Ана Митреска на конференцијата на „Џ. П. Морган“ во Виена, посветена на економските перспективи и предизвици за земјите од регионот.
Говорејќи за економските изгледи на земјава, инфлацијата и финансиската стабилност, Митреска оцени дека домашната економија покажала значителна отпорност во услови на зголемена глобална неизвесност.
Во последните пет години, економскиот раст изнесувал во просек 3,3 проценти, што е блиску до проценетиот потенцијален раст од 3,5 проценти. Во истиот период, економијата го надминала претпандемичното ниво за околу 12 проценти, при што растот бил поддржан од личната потрошувачка, извозот и инфраструктурните инвестиции.
Сепак, според Митреска, овие резултати не се доволни за побрза економска конвергенција кон Европската Унија.
„Продуктивноста во земјава и натаму е околу половина од просекот на Европската Унија, а дигитализацијата е на околу 70% од европското ниво. Затоа инвестициите во технологија, иновации и човечки капитал се клучни за забрзување на конвергенцијата кон ЕУ“, истакна таа.
Вицегувернерката нагласи дека земјава има добра основа за понатамошен дигитален развој. Според индексот за подготвеност за вештачка интелигенција на ММФ, Северна Македонија е рангирана на 76-то место меѓу 174 земји и се наоѓа над светскиот просек.
Дополнителен потенцијал гледа и во ИКТ-индустријата, која бележи континуиран раст. ИКТ-услугите учествуваат со околу 43 проценти во вкупниот извоз на услуги, додека уделот на дипломирани студенти во оваа област достигнува 7,9 проценти од вкупниот број дипломирани студенти, што е меѓу највисоките стапки во регионот.
Осврнувајќи се на надворешното економско окружување, Митреска потсети дека македонската економија останува тесно поврзана со Европската Унија.
Дури 76 проценти од домашниот извоз завршува на пазарите на ЕУ, додека Германија самостојно учествува со околу 40 проценти во вкупниот македонски извоз.
Според неа, оваа интеграција донела значајни придобивки преку странските директни инвестиции, трансферот на технологии и зголемувањето на додадената вредност во извозот. Но, истовремено ја нагласува потребата од поголема диверзификација на извозните пазари и инвестициските текови со цел намалување на зависноста од ограничен број економии.
Во делот посветен на инфлацијата, Митреска оцени дека централните банки денес располагаат со повеќе искуство и подобри механизми за справување со ценовните притисоци отколку во периодот на енергетската криза во 2022 година.
И покрај новите геополитички ризици и можните притисоци врз цените на енергентите, таа истакна дека кредибилитетот на монетарната политика и навременото реагирање остануваат клучни за спречување на претворањето на привремените шокови во долготрајна инфлација.
„Искуството од последните неколку години покажа дека со соодветна комбинација на монетарни, макропрудентни и други политики може успешно да се зачуваат ценовната и финансиската стабилност, без притоа да се загрози економскиот раст. Но, за долгорочно повисок раст се неопходни и структурни реформи коишто ќе ги поттикнат продуктивноста, инвестициите и конкурентноста на економијата“, порача Митреска.
Аналитика








