ПОВЕЌЕ

    Во обид да ги изигра и клиентот и законот – финансиско друштво остана без дозволата од Финансии

    Време зa читање: 2 минути

    Министерството за финансии ја одзеде дозволата за работа на едно финансиско друштво по спроведен вонреден надзор, извршен по пријава од граѓанин, при што биле утврдени сериозни прекршувања на законските прописи.

    Според соопштението од Финансии, контролата покажала груби повреди на правилата за работа и заштита на корисниците. Притоа биле утврдени практики што ги изложиле граѓаните на зголемен финансиски ризик. Поради тежината на неправилностите, донесено е решение за одземање на дозволата за работа на друштвото.

    Од Министерството нагласуваат дека засилените контроли продолжуваат и годинава. Досега се изречени 22 глоби на 16 финансиски друштва, како и 23 мерки за отстранување на утврдени неправилности.

    Паралелно со тоа се подготвуваат и законски измени, со цел дополнително заострување на условите за работа на овој тип друштва. Намерата е да се намали ризикот од прекумерно задолжување, да се зголеми заштитата на потрошувачите и да се подобри транспарентноста во секторот.

    Според регистарот на Министерството за финансии ажуриран на 15 мај, во земјава активно работат 25 финансиски друштва, од кои најголемиот дел – 16 се со седиште во Скопје. По две друштва се со адреса во Битола и во Прилеп, а по едно има во Охрид, Тетово, Струмица, Радовиш и во Кавадарци.

    Податоците, пак, на Народната покажуваат дека средствата на финансиските друштва во 2025 година забележале раст од 20,9 насто на годишно ниво и достигнуваат 245,5 милиони евра. Најголемиот дел од нив се побарувања по основ на одобрените кредити.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично