ПОВЕЌЕ

    ФИРМАТА ШТО ЌЕ КОПА АНТИМОН ВО ЛУКЕ, веќе 11 години има концесија за истражувања за бакар, и злато на истата локација. „Не знам зошто се крена прашина околу ова“, вели Божиновска

    Време зa читање: 5 минути

    „Не знам зошто се дигна толкава прашина во јавноста поради случајот со фирмата која доби пет милиони долари од САД за да спроведе геолошки истражувања за руда на антимон во Луке, кривопаланечко, како утре да ќе се направи рудникот. Тие се уште немаат ниту дозвола. Значи, првин треба да истражуваат, да дојдат со документите кај нас, па ние да им дадеме дозвола за истражување“, рече на брифингот за медиуми,  министерката за енергетика и рударство, Сања Божиновска.

    Домашните медиуми минатиот месец објавија дека Австралијанец со потекло од Македонија е сопственикот на фирмата кој нашата делегација минатиот месец го однесе на стратешкиот дијалог со САД, за да потпише договор за финансиска поддршка во износ од пет милиони долари за истражување критични минерали во Македонија.

    „Пела глобал лимитед“ и ДФЦ (U.S. International Development Finance Corporation)на почетокот на април годинава во Вашингтон потпишаа договор за финансиска поддршка во износ од 5 милиони долари, наменети за истражување на критични минерали во Македонија, за што се пофали и премиерот Христијан Мицкоски, најавувајќи дека антимон ќе се експлоатира од Кривопаленечко и ќе носи во Америка, како дел од Стратешкиот дијалог со САД.

    САД, како што рече Мицковски, се зантересирани  за антимонот и нивна фирма ќе ја копа рудата и ќе ја транспортира во Америка на топење и според него обновата на рудникот ќе значи многу за Македонската економија.

    Станува збор за “Пела глобал лимитед“, фирма на австралијски бизнисмен со македонско потекло, Ник Јовановски, кој извршен директор на компанијата „ чија главна стратешка цел е наоѓање злато, сребро и антимон во Македонија. Компанијата има своја фирма во Македонија, „РИ Енергетика Пела ДОО Скопје“ и длабоко навлезена во бизнис водите во државава поврзани со минералите и енергетиката, а министерката Божиновска денес информираше дека истата компанија повеќе од десет години има концесија за рударско геолошки истражувања токму во кривопаланечкиот регион, поточно кај селото Луке, но за истражување на бакар, олово, цинк и злато.
    Имено, истата компанија има добиено концесија уште во 2015 година за геолошки истражувања на бакар, злато, олово и цинк, на соседна локација, со вкупна површина од 30 квадратни километри. На концесиското земјиште има две локации за бакар и сребро и олово цинк – локалитетот Самар, и втората е Крстов Дол, која е за антимон. Министерството на компанијата концесионер ѝ сугерирало да доистражи бидејќи сметале дека таму се наоѓа побогато рудно наоѓалиште од она што го покажале досегашните истражувања.
    На терен, каде во моментов се вршат деталните геолошки истражувања, работи една дупчалка, компанијата треба да изработи елаборат за резерви и ако има доволно експлоатабилни резерви, тогаш тие можат да бараат дозвола за експлоатација, информираат од Министерството. А, за да ја добијат дозволата за експлоатација, потребно е да се изработи студија за влијание врз животната средина. Оттаму уверуваат дека не постои никаков начин да добијат дозвола за експлоатација на рудното богатство доколку не ги задоволат највисоките стандарди.
    Министерката Божиновска рече дека побарала од Рударскиот факултет во Штип да изработат студија за штетните влијанија на копањето и преработката на антимон. „Конечните податоци за технолошкиот процес ќе ги имаме кога ќе се направи елаборатот за резерви, за да се види со колкаво количество и каков состав на рудата има“, појасни Божиновска.
    Инаку, еден таков елаборат се изработува три до четири години, беше речено.
    Од министерството за енергетика и рударство информираат дека во завршна фаза е изработката на законот за геологија и законот за рударство, во којшто е децидно напишано дека концесионерите мораат да применуваат највисоки стандарди при откопувањето, преработката на минералните суровини. Наскоро тие ќе бидат ставени на јавен увид и ќе биде побарано мислење од академската фела, како и од невладините еколошки организации. Овие закони, беше речено, се дел од европската регулатива од 2024 година за стратешки и критични минерални суровини.
    Министерката потсети и дека за 100 проценти е зголемен концесискиот надомест, кој се плаќа за експлоатација на металични минерални суровини, како и тоа дека Министерството има одземено рударски 53 концесии.  „Имаме недостиг од инспектори и мора да вработиме луѓе со оглед на тоа дека имаме многу концесии“, рече министерката Божиновска.
    Во однос на падот на индустриското производство во рударскиот сектор, за кој неодамна зборуваше и премиерот Христијан Мицкоски, од Министерството за рударство и енергетика велат дека е очекувано, со оглед дека во последните 40 години се нема отворено ниту еден поголем рудник, посебно за металични суровини, кои се носители на БДП-то во Македонија. Имајќи предвид дека со текот на годините на експлоатација, се намалува и квантитетот и квалитетот на рудата, а со тоа се намалуваат и приходите од рударството, велат од Министерството.
    Ј.Дуковска
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично