ПОВЕЌЕ

    ИНФОРМАТИЧКИОТ СЕКТОР ПРОГРАМИРА МИЛИОНИ – Кој го пишува кодот на профитот?

    Време зa читање: 5 минути

    Информатичката индустрија во Македонија продолжува да ги поместува границите – не само на домашниот пазар, туку и на извозниот фронт. Создава работни места, носи девизни приливи и ги позиционира македонските компании на глобалната мапа на услуги и иновации. Сепак, повеќе не се работи за експанзивен, туку за раст и развој со умерено темпо, од каде што и понатаму се генерираат високи резултати.

    Повеќе од половина милијарда евра, поточно 524 милиони е вкупниот приход што лани го оствариле 1.328 компании од дејноста компјутерско програмирање. Тоа е за 7,3 насто повеќе споредено со 2024 година. Растот на добивката е нешто понизок, односно речиси 4,1 насто, а износот е 48,4 милиони евра.

    Освен тоа, овој сектор е еден од главните адути на нашата економија. Минатата година, според податоците од Народната банка, информатичкиот сектор остварил извоз од 676 милиони евра, со доминантен удел на компјутерските услуги од речиси 600 милиони евра и генериран суфицит од 438 милиони евра.

    Извор: Бизнис Мрежа

    На овој простор, и покрај илјадниците фирми, забележлив е висок степен на концентрација на бизнисот кај петнаесетина компании, чиешто работење го анализира Пари. Податоците се од Бизнис Мрежа. Општите бројки покажуваат дека десетте најдоходовни учествуваат со 39,77 насто во вкупниот приход, а десетте најпрофитабилни со 38,64 насто во вкупната добивка.

    ВО ТОП 10-ТЕ, 3 КОМПАНИИ ПРАВАТ 56 НАСТО ОД ПРИХОДОТ, А САМО АВЕНГА ПОВЕЌЕ ОД ТРЕТИНА

    Со реализација од 73,1 милион евра на приходната страна, Авенга е убедливо најголемата и најуспешна компанија. Зафаќа 13,95 насто од вкупниот приход на целиот сектор и 35,1 насто од приливите на топ 10-те информатички компании. Се работи за меѓународна информатичка групација формирана со спојување на европски и американски компании, која последователно се проширува преку низа аквизиции. Во рамките на глобалната мрежа македонското друштво функционира како локален развоен центар.

    Заедно со Алокејт софтвер (22,7 милиони евра) и Нетцетера (21,8 милиони евра), првите три компании заедно остваруваат 117,6 милиони евра. Тоа е 22,45 насто од вкупниот пазар и 56,4 насто од приходите на првата десетка.

    Седум од нив лани биле поефикасни и оствариле раст на приходите. Меѓу нив, со скокот од близу 204 насто, се издвојува АСЕЕ БСС, кој по само една година од основањето (2024) го зголемил приходот од 4,1 милион на 12,4 милиони евра. Станува збор за новата ќерка компанија на регионалниот информатички гигант ASEE, специјализирана за банкарски софтвер и платежни решенија. Високи стапки се запишани и во приходните ставки на Валтек (+ 66,06 %) и на Алокејт софтвер (+ 26,76 %).

    Меѓу трите, пак, што на крајот од 2025 година бележат пониски приливи се скопските АСЕЕ (– 23,97 %) и Ендава (– 17,94 %), како и Интерворкс од Битола (– 4,24 %).

    Без оглед на негативните движења, заедничкиот приход на овие десет компании е зголемен за околу 12,5 насто – од 185,3 милиони во 2024 година, на 208,4 милиони евра во 2025 година.

    Извор: Бизнис Мрежа

    АКСАПТА МАСТЕРС БЕШЕ И ОСТАНА НАЈПРОФИТНА КОМПАНИЈА

    Добивката на најпрофитабилните десет информатички компании за 2025 година е 18,7 милиони евра. Заедничкиот износ е повисок за 23 насто. Иако сите поединечни финансиски резултати се изразени во милиони, три компании се сопственици на речиси половина од добивката.

    Конкретно, тие 47 насто или 8,8 милиони евра се збир од добивките на Аксапта мастерс (4,7 милиони евра), која неколку години по ред го носи приматот на најпрофитна компанија, Интерворкс (2,1 милион евра) и КА трејд (2 милиони евра). Воедно, тоа претставува 18,18 насто од вкупната добивка на сите повеќе од илјада фирми.

    Со растот и во овој сегмент може да се пофали АСЕЕ БСС, а причината е поголема отколку кај приходите. Оваа компанија успеала да ја натфрли добивката за 501,45 насто и со остварените 1,9 милиони евра да се рангира во првиот дел од профитната табела. Финансискиот ефект од прекланското работење на оваа компанија бил 324 илјади евра.

    Значајни зголемувања бележат и Валтек (+ 151,74 %) и Енцора МК (+ 125,08 %). Второрангираниот Интерворкс речиси ја удвоил добивката (+ 98,32 %), која за 2025 година е во износ од 2,1 милион евра.

    Со пад на профитабилноста се соочиле пет компании. Најниската негативна стапка е евидентирана кај Нетцетера (– 0,43 %), а највисоката кај Пантелеон ГС (– 33,68 %).

    Извор: Бизнис Мрежа

    Ако нешто е јасно од бројките, тоа е дека во македонскиот информатички сектор „малите бубачки“ одамна станале големи играчи. И додека милионите се зголемуваат, програмерите веројатно би прокоментирале: It’s not a bug, it’s a feature (Не е грешка, тоа е предвидено однесување).

    Маја Анастасова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    (Очекувајте: Кога кодот станува плата: Колкави се и кој ги исплаќа највисоките примања во информатичкиот сектор?

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично