ПОВЕЌЕ

    АКО ТРЕБА, ПОВТОРНО ЌЕ ПРЕГОВАРАМЕ СО ОКТА ПОСЛЕ 18 МАЈ, вели министерката за енергетика за попустот на горивата

    Време зa читање: 2 минути

    Доколку е потребно, повторно ќе разговараме со Окта да се продолжи попустот за дизел горивото од 4 денари за литар и за бензините од 2 денари, кој сега е на сила, и по 18 мај, кога истекува сегашниот договор, најави Сања Божиновска, министерка за енергетика на денешниот брифинг со новинари. Секако, тоа ќе зависи од случувањата со цените на нафтените деривати на берзите и од  тоа дали ќе продолжи војната на Блискиот Исток.

    „Следиме се што се случува. Нашите мерки моментално се до 18 мај, што значи дека следната недела ќе видиме што ќе се случува со цените на берзата и со војната. Неколку дена пред истекот на овој рок ќе видиме до каде сме со цените и ако е потребно повторно ќе преговараме со ОКТА за продолжување на попустот. Правиме се што е во интерес на нашите граѓани“, рече Божиновска.

    Таа нагласи дека земјава е трета според мерките кои ги презема за цените на нафтените деривати и потенцира дека имаме најниски цени во регионот.

    Во однос на информациите дека одредени компании вршеле реекспорт на нафтени деривати од земјава, кое е поевтино од соседството, министерката Божиновска одговори дека ниту еден субјект досега се нема обратено во Министерството за енергетика за ова прашање и дека во моментов Државниот пазарен испекторат и Царинската управа проверуваат дали е правен реекспорт на деривати.

    Коментирајќи во врска со идејата од Регулаторната комисија да се направи преоценување на тарифните блокови во сметките за потрошена електрична енергија на корисниците на регулираниот пазар, Божиновска одговори дека се согласува доколку тоа е во интерес на граѓаните и значи намалување на крајната сметка што ја плаќаат. „Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика вчера тоа го најави, а јас го поздравувам ако е за доброто на граѓаните и ако се намалат нивните сметки. Би сакале и ние да ги видиме пресметките, меѓутоа тоа е нивна дејност, а ние само би можеле да кажеме дека сме „за“ во случај крајната цел да е намалување на сметките на граѓаните“, нагласи министерката Божиновска.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично