ПОВЕЌЕ

    НБРСМ: Каматата останува 4 %, ризиците растат – можна е позатегната монетарна политика 

    Време зa читање: 4 минути

    Основната каматна стапка останува на 4 проценти, но Народната банка сигнализира на зголемени ризици и можност за идно затегнување на монетарната политика. Одлуката е донесена во услови на засилена глобална неизвесност, раст на цените на енергенсите и притисоци врз инфлацијата и девизниот пазар.

    На денешната редовна седница, Извршниот одбор оценил дека засега е потребно задржување на каматата, со оглед на веќе преземените мерки – преку задолжителната резерва и макропрудентните инструменти. Сличен пристап има и Европската централна банка, која исто така ги задржала каматните стапки непроменети.

    Сепак, централната банка предупредува, доколку инфлацијата остане повисока и продолжи растот на побарувачката за девизи, можно е зголемување на каматната стапка во наредниот период:

    „Одолжувањето на конфликтот на Блискиот Исток доведе до нарушување на снабдувањето со нафта во светот и натамошно одржување на цените на нафтата на светските пазари на високо ниво. Во следниот период, како и досега, внимателно ќе се следат глобалните случувања, нивниот одраз врз домашната економија, а особено врз девизниот пазар и нивото на цените. Доколку инфлацијата се задржи на повисоко ниво и делува на инфлациските очекувања, а побарувачката на девизниот пазар продолжи да расте и во следниов период, Народната банка ќе реагира со зголемување на каматната стапка“.

    Во првиот годинешен квартал, посочуваат од НБРСМ, инфлацијата се намали на 3,7 од 4,2 процнети во претходниот квартал. Базичната инфлација исто така се намали на 3,3 проценти, но сепак останува малку над проекциите:

    „Остварувањата кај инфлацијата се малку повисоки од проекцијата, што заедно со повисоките увозни цени споредено со досегашните оцени, создаваат изразени нагорни ризици за досегашната проектирана динамика на инфлацијата. Имено, и покрај тековните оцени за кусо и ограничено времетраење на конфликтот, најновите проекции за берзанските цени на примарните производи на енергенсите и храната за следниот период се променети поизразено во нагорна насока. Ова, заедно со зголемената неизвесност и променливоста на пазарите поврзани главно со интензитетот и времетраењето на војната на Блискиот Исток, како и со силината на индиректните и секундарните ефекти, упатува на зголемени ризици и потреба од внимателност“.

    Девизните резерви на крајот на март изнесуваат 5.249,4 милиони евра, што е повисоко ниво во однос на крајот на минатата година, главно поради задолжувањето на државата на меѓународниот пазар.

    „Од почетокот на годината, Народната банка активно е присутна на девизниот пазар, со цел задоволување на зголемените потреби од девизна ликвидност на економските субјекти. Во следниот период, влошените изгледи за глобалната економија и нашите клучни трговски партнери, како и растот на цените на енергенсите, создаваат поголеми ризици за надворешната позиција на економијата. Сепак, според сите досегашни оцени, девизните резерви остануваат во сигурната зона, поддржани од приватните финансиски текови и задолжувањето на државата на меѓународниот пазар“.

    Домашната економија во последниот квартал од 2025 година забележа раст од 3,8 насто, а податоците за почетокот на 2026 година укажуваат на продолжување на растот, но со умерено темпо.

    „Расположливите високофреквентни податоци за првиот квартал од 2026 година упатуваат на понатамошен, но поумерен раст на економската активност. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие се претежно надолни и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување. Во однос на домашното окружување, обемот и динамиката на остварување на домашните инфраструктурни проекти претставуваат едни од главните фактори за темпото на идниот економски раст“.

    Во банкарскиот сектор, истакнуваат од Народната банка, продолжуваат позитивните трендови. Депозитната база расте, а кредитната активност бележи динамика над очекувањата за првиот квартал.

    Во вакви услови, Народната банка најавува внимателен пристап и подготвеност да реагира со сите расположливи инструменти, со цел зачувување на стабилноста на денарот и одржување на ценовната стабилност на среден рок.

     

     

     

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично