
Тетово и во 2025 година останува една од поважните економски точки во западниот дел од земјата, град во кој под Шара паралелно се развиваат автомобилска индустрија, градежништво, трговија, производство на градежни материјали, прехранбена индустрија и услуги. Но, најновите бројки покажуваат дека тетовската бизнис-сцена веќе не се движи со истото темпо како претходната година.
Кај најголемите компании има јасен сигнал на забавување на растот на приходите, особено кај дел од градежните и производствените фирми. Сепак, профитот расте, што отвора поинаква слика: компаниите можеби имаат помал обрт, но дел од нив работат поефикасно и успеваат да извлечат поголема заработка.
Анализата на Пари, во соработка со Бизнис мрежа, ги опфаќа топ 10-те компании во Тетово по приход и добивка. Во 2025 година, десетте најголеми компании по приход оствариле вкупно 225,71 милион евра, што е за 5,48 насто помалку од 2024 година, кога приходите изнесувале 238,8 милиони евра. Од друга страна, десетте најпрофитабилни компании оствариле 18,67 милиони евра добивка, наспроти 14,57 милиони евра една година претходно, што значи раст од 28,1 насто.
ВКУПНИОТ ПРИХОД НА ДЕСЕТТЕ КОМПАНИИ Е ВО ПАД
На приходната листа нема дилема кој е главниот носител на тетовската економија. ЛЕАР ЦОРПОРАТИОН МАКЕДОНИЈА и натаму е убедливо најголема компанија во градот. Со приход од 121,2 милиони евра, таа самостојно генерира повеќе од половина од приходот на целата топ 10 листа. Компанијата е дел од автомобилската индустрија и е поврзана со производство на делови и дополнителен прибор за моторни возила, односно автомобилски компоненти.
Сепак, и кај лидерот има пад. ЛЕАР во 2024 година имал приход од 125,6 милиони евра, што значи намалување од 3,57 насто.
Второто место го држи ПОФИКС, тетовска компанија позната по изолациски и декоративни малтери и градежни материјали. Компанијата во 2025 година остварила 21,4 милиони евра приход, наспроти 24,6 милиони евра во 2024 година, што претставува пад од 14,14 насто.
Трета е АРБОРА, со приход од 13,01 милион евра, што е пад од 10,15 насто во споредба со претходните 14,4 милиони евра. Со ова, првите три компании на листата бележат намалување на приходите, што во голема мера го објаснува вкупниот минус кај тетовската десетка.
Најсилен раст има ТЕКНОМЕТАЛ С.Р.Л, кој од 5,5 милиони евра во 2024 година стигнал до 11,8 милиони евра во 2025 година. Тоа е раст од дури 114,55 насто, што ја вбројува оваа компанија како најголем добитник по раст на приходот меѓу водечките тетовски фирми.
Стабилен раст има и кај САНМАРТИ, која достигнала 12,1 милион евра приход, односно 8,98 насто повеќе од претходната година. САНМАРТИ е компанија поврзана со продажба на опрема за бањи, санитарија, плочки, водовод и материјали за завршни работи во градежништвото.
Позитивно се движат и СЕНТИС АГ и БОНИТАС ФРУИТ.
Најголемиот пад е кај АК ИНВЕСТ, една од познатите тетовски градежни компании. Нејзиниот приход се намалил од 20,1 милион евра на 10,2 милиони евра, односно за 49,03 насто. АК ИНВЕСТ е компанија од градежниот сектор, поврзана со изградба на станбени и нестанбени згради.
Пад има и кај ЕАКОМ, исто така градежна компанија, чиј приход е намален од 13,6 милиони евра на 10,4 милиони евра, односно за 23,97 насто.
Извор: Бизнис мрежа
ВКУПНИОТ ПРОФИТ СКОКНА ЗА 28 НАСТО
Иако приходите на топ 10-те компании се намалени, добивката кај десетте најпрофитабилни компании пораснала од 14,57 милиони евра на 18,67 милиони евра. Тоа е зголемување од 28,1 насто.
На врвот е ЛЕАР ЦОРПОРАТИОН МАКЕДОНИЈА, со добивка од 5,1 милион евра.
Второто место го зазема ПАЛМА ТРАДЕ Љумиаљ, со добивка од 3,4 милиони евра. Оваа компанија има речиси двојно поголем профит од лани, кога добивката изнесувала 1,7 милиони евра. Растот е 94,93 насто, што ја вбројува меѓу најсилните профитни добитници во тетовската анализа.
Трет е ПОФИКС, со 2,5 милиони евра добивка. Но, за разлика од приходната листа, каде падот е 14 насто, кај добивката падот е многу посилен – 36,29 насто. Во 2024 година ПОФИКС имал 3,9 милиони евра добивка, што значи дека компанијата и натаму е високо профитабилна, но со намалена заработка.
Следува БАНАНА КИЦК, со 1,3 милиони евра добивка и раст од 8,74 насто. Потоа е ИЗО СТОНЕ, со 1,2 милиони евра, но со пад од 13,20 насто. САНМАРТИ има 1,1 милион евра добивка, речиси исто како и претходната година, со минимален раст од 0,39 насто.
На листата е и ТЕТЕКС, односно Волнарскиот комбинат „Тодор Циповски-Мерџан“, со добивка од 1,07 милиони евра. Оваа компанија бележи пад од 4,33 насто, но останува меѓу десетте најпрофитабилни фирми во градот.
Добар исчекор има ШАТЦИ, со добивка од 1,05 милиони евра, што е раст од 21,20 насто. Наспроти тоа, ИНВЕСТ и АРБЕРИА-ДЕСИГН имаат сериозен пад. Профитот на ИНВЕСТ се намалил од 1,7 милиони евра на 1,04 милиони евра, односно за 38,86 насто, додека профитот на АРБЕРИА-ДЕСИГН паднал од 1,6 милиони евра на 915,7 илјади евра, или за 43,55 насто.
Извор: Бизнис мрежа
Извор: Бизнис мрежа
Катерина Михајлова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








