
Животот во Македонија станува сѐ поскап, а априлските бројки покажуваат дека инфлацијата повторно фаќа залет. Новите податоци на Државниот завод за статистика откриваат дека годишната инфлација достигнала 5,7 проценти, што е значително забрзување во споредба со март, кога изнесуваше 4,9 проценти.
Само за еден месец, трошоците на живот се зголемиле за 1,3 проценти, што укажува дека ценовниот притисок повторно се засилува во повеќе сектори – од храна и транспорт, до угостителство и лична нега.
Најсилен удар врз домашниот буџет и натаму доаѓа од секојдневните производи. Храната и безалкохолните пијалаци во април биле поскапи за осум проценти во однос на истиот период лани, додека алкохолните пијалаци и тутунот бележат најголем годишен раст од дури 10,2 проценти.
Особено впечатлив е скокот кај транспортот. На годишно ниво цените во овој сектор пораснале за 5,4 проценти, но само во споредба со март трошоците за транспорт скокнале за дури 10,1 процент. Тоа е и најголемото месечно поскапување меѓу сите категории што ги следи статистика.
Поскапувања има и кај рекреацијата, спортот и културата, каде цените се зголемиле за 1,4 проценти на месечно ниво, како и кај рестораните и хотелите, образованието, домувањето, здравствената заштита, личната нега и комуникациските услуги.
Паралелно со растот на трошоците на живот, растат и цените на мало. Во април тие биле повисоки за пет проценти на годишно ниво, додека во однос на март пораснале за 3,2 проценти.
Од друга страна, ретки се секторите каде има стабилизација или пад на цените. Кај осигурувањето и финансиските услуги не е регистрирана месечна промена, а минимално намалување од 0,2 проценти има кај покуќнината, опремата и одржувањето на домаќинствата.
Најновите бројки доаѓаат во период кога централните банки и економските институции предупредуваат дека глобалните геополитички тензии и растот на цените на енергенсите повторно можат да ја засилат инфлацијата и во регионот. За граѓаните, тоа веќе значи нов притисок врз семејниот буџет и повисоки трошоци за секојдневниот живот.
Аналитика








