ПОВЕЌЕ

    Просечната плата за февруари е 46.159 денари – раст на годишно, пад на месечно ниво

    Време зa читање: 2 минути

    Просечната нето-плата во февруари изнесувала 46.159 денари. За една година се зголемила за 7,2 насто. Сепак, намалена е во споредба со јануари – индексот изнесува 99,0. Тој минимален месечен пад во апсолутни бројки изнесува 458 денари, бидејќи во првиот месец од годината просечното примање исплатено по вработен изнесуваше 46.617 денари.

    Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека годишниот раст е поддржан од нагорните движења кај платите во три сектори. Највисокото зголемување од 12,3 насто е регистрирано во административни и помошни услужни дејности. Следуваат рударство и вадење камен со 10,6 насто и снабдување со вода и управување со отпад со 9,4 насто.

    Истовремено, на месечно ниво има намалување во исто така три сектори: земјоделство, шумарство и рибарство, каде што просечната плата бележи пад од 5,7 отсто; други услужни дејности со 5 отсто; и уметност, забава и рекреација со минус 4,6 отсто.

    Според ДЗС, просекот за првите два месеци од годинава изнесува 46.388 денари, додека за периодот декември 2025 – февруари 2026 достигнува 46.555 денари. Реалната плата, пак, бележи умерен раст од 4,2 насто на годишна основа, што е поврзано со влијанието на инфлацијата.

    Иако просечната плата расте на годишна основа, сепак заостанува зад трошоците за живот. За споредба, вредноста на синдикалната минимална кошница во февруари изнесуваше 67.382 денари. Или, просечната плата тогаш задоволувала околу две третини од минималните потреби на едно четиричлено семејство. Веќе во април минималната синдикална кошница се искачи на 68.797 денари, а пресметките покажуваат дека од почетокот на годинава па наваму трошоците месечно се зголемувале, во просек, за околу 826 денари.

     

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично