
Горан Марковски, Горазд Поповски и Сашко Бошков се повлекуваат од Надзорниот одбор на „Македонијатурист“. За нивните, како и за оставката на Олга Павлова, поднесена лани во октомври, ќе се произнесат акционерите на Собранието закажано за 22 мај. Тогаш ќе бидат избрани и новите членови на ова тело.
Тројцата членови на НО оставките ги поднеле во понеделникот (20 април), односно нешто повеќе од една година по доверениот шестгодишен мандат.
Главниот извршен директор на КБ Инвест, Горан Марковски, во Надзорниот одбор влезе како независен член, а потоа беше избран и за прв претседател на новиот состав по смената на акционерската структура во „Македонијатурист“. И тој и Павлова се претставници на акционерот „Чезакомерц“.
Независен член беше и Горазд Поповски, кој исто како и членот Сашко Бошков беше предложен од „Промедика“.
Мнозински акционери на хотелско-угостителската компанија, според податоците од последниот ден на 2025 година, се „Скопски пазар“ (19,90 %), „МГФ Инвестмент“ (15,53 %), „Промедика“ (11,91 %), Јусуф Камбер (10,76 %), „Современ дом“ (5,09 %). Воедно, „Македонијатурист“ поседува 10 проценти, но тоа се сопствени акции. Инаку, со мнозинските, акциите се во сопственост на вкупно 244 акционери.
Аналитика








