Кој ќе ја замени „челичната дама“ на челото на Европската централна банка (ЕЦБ), чијшто мандат истекува годинава? Маневрите околу наследување на Кристин Лагард е во тек. Со стратешкото протекување на информациите до печатот кон средината на февруари дека таа може да се повлече пред официјално да заврши нејзиниот мандат кон крајот на октомври 2027 година, претседателката на ЕЦБ ги поттикна потенцијалните наследници да ги објават своите намери, а земјите од еврозоната да започнат со лобирање, пишува француски Ле Монд.
Трката за наследник на Кристин Лагард веќе започна, дури и пред нејзиното заминување официјално да биде потврдено. Дискретните информации од средината на февруари за можно предвремено заминување од функцијата беа доволни за да предизвикаат политичко и институционално позиционирање во рамките на еврозоната.
На изборите за нов шеф на Европската централна банка се појавија три кандидати, но нивниот успех нема да зависи само од личните референци, туку и од распределбата на клучните позиции и рамнотежата на моќта во рамките на еврозоната.
Постојат шпекулации дека Кристин Лагард, актуелната претседателка на Европската централна банка, би можела да го преземе раководството на Светскиот економски форум во Давос.
Иако Лагард јавно тврди дека сè уште не донела конечна одлука, шпекулациите за евентуално поместување на чело на Светскиот економски форум дополнително отворија простор за потенцијални наследници и лобирање од страна на земјите-членки.
Одлуката ќе ја донесат лидерите на 21-та земја од еврозоната, во време кога паралелно се отвораат и други клучни позиции во рамките на ЕЦБ. До 2027 година се очекуваат промени на позицијата главен економист, во Извршниот одбор, како и на позицијата потпретседател, која треба да ја преземе Борис Вујчиќ. Ова е ретка ситуација што овозможува пошироко преуредување на влијанието во рамките на институцијата.
Според анализата на францускиот весник „Ле Монд“, тројца кандидати веќе влегле во трката: Клас Кнот, поранешен гувернер на холандската централна банка, Пабло Ернандез де Кос, поранешен гувернер на Банката на Шпанија и Јоаким Нагел, претседател на Бундесбанката.
ЈАСТРЕБИ И ГУЛАБИ
Нивните кандидатури одат подалеку од личните амбиции и одразуваат подлабока борба за национално влијание во рамките на една од клучните институции на еврозоната. Ова е типичен европски чин на балансирање помеѓу „големите“ и „малите“ земји, но и помеѓу таканаречените „јастреби“ и „гулаби“, т.е. застапници на порестриктивни и пофлексибилни монетарни политики.
Неформалното правило предвидува дека меѓу шесте членови на Извршниот одбор, со седиште во Франкфурт, треба да има по еден претставник од секоја од четирите големи економии – Германија, Франција, Италија и Шпанија. Ова дополнително го стеснува изборот, бидејќи Франција веќе имала двајца претседатели на ЕЦБ, додека изборот на кандидат од Германија би бил политички чувствителен со оглед на тоа што земјата веќе има силно влијание во европските институции.
Во таков баланс на моќ, најсериозните кандидати се издвојуваат како Кнот и Ернандез де Кос. Кнот има силен углед и поддршка од северните земји, но се смета за монетарен „јастреб“, што може да ја ограничи неговата прифатливост. Ернандез де Кос, од друга страна, доаѓа од „помек“ пристап кон монетарната политика и има значително меѓународно искуство.
Неговиот избор би можел да отвори простор Франција да ја преземе улогата на главен економист – клучна позиција во обликувањето на монетарната политика. Меѓутоа, ако се избере кандидат кој се смета за „гулаб“, како Ернандез де Кос, Германија веројатно би ја барала позицијата како противтежа.
Веќе се споменуваат потенцијални француски имиња за позицијата, вклучувајќи ги Лоренс Бун и Ањес Бенаси-Кере, што би придонело и за намалување на родовата нерамнотежа во ЕЦБ, каде што жените моментално држат само две од 27-те места.
Исходот од изборите нема да зависи само од квалитетот на кандидатите, туку пред сè од поширок пакет политички компромиси. Клучното прашање ќе биде распределбата на влијателните позиции, особено позицијата главен економист, која може да послужи како инструмент за рамнотежа меѓу земјите-членки.
Зад целиот процес стои стратешкото прашање за идната насока на монетарната политика на ЕЦБ – помеѓу построга контрола на инфлацијата и поголема флексибилност во стимулирањето на економскиот раст.
Иако позиционирањето на кандидатите веќе е во тек, конечниот исход останува неизвесен. Досегашната пракса покажува дека ваквите одлуки често се донесуваат во последен момент, преку политички договори што ги надминуваат очекувањата на пазарот. Евентуалното заминување на Лагард, според тоа, само започна процес што ќе ја одреди идната насока на монетарната политика на еврозоната.
Аналитика








