ПОВЕЌЕ

    „Данок“ од 522 илјади евра за плаќања со картички: најмногу измами во е-трговијата

    Време зa читање: 6 минути

    Повеќе од половина милион евра вредат измамите направени преку плаќањата со картички во текот на 2025 година. Притоа, забележлива е интересна појава. Се зголемува бројот на измамнички иницираните платежни трансакции, но опаѓа вкупната вредност. Мета се граѓаните, а најпогоден простор за подметнување е е-трговијата.

    Корисниците на картички лани наседнале во 11.279 случаи, за 11,6 насто повеќе во однос на 2024 година. Наспроти тоа, сумата што „изгорела“ е пониска за 13,7 насто – од 605,2 илјади на 522,1 илјада евра.

    Меѓутоа, кога ќе се направи споредба со состојбата од 2023 година, сликата се менува: бројноста на измамите е двојно зголемена, за 103 насто, а нивната вредност за 99 насто. Но, без оглед на паралелата меѓу годините, измамничката насоченост кон граѓаните е константна, и во 2025 доминираат во 97 насто од трансакциите. Воедно, податоците од Народната банка што ги анализира Пари покажуваат дека кај компаниите има пад: 528 во 2023 година; 396 во 2024 година и 324 во 2025 година.

    НЕМА ПОЛЗА ОД БАНКОМАТИТЕ

    Банкоматите не се податливи за измамнички активности. Само една трансакција од 41 евро е регистрирана во текот на минатата година. Споредено со 2024 година, кога реализацијата била 12 трансакции и 1000 евра – намалувањето е за 91,7, односно за 96 насто. Во однос, пак, на 2023 година падот кај бројноста е 90,9 насто, а кај вредноста 94,4 насто.

    Всушност, во овој тригодишен период и немало многу АТМ-измами. Во тој поглед предничи 2024 година, кога е забележан и единствениот пример за оштетена фирма, со износ од 380 евра. Со други зборови, присутниот тренд допушта да се претпостави дека измамите преку банкомат, како појава сосем ќе исчезнат.

    ВО ДВЕ ГОДИНИ – ЗА 2.150 НАСТО ПОВЕЌЕ ПОС-ИЗМАМИ

    Добар дел од измамнички иницираните трансакции се изведени на продажните места, преку ПОС-терминалите. Во негативната статистика лани влегле 1.260 трансакции, што е за 324 насто повеќе во однос на 2024 година. Но, споредено со 2023 година, кога се зборувало за „само“ 56 вакви случаи, зголемувањето е за над 20 пати, или за 2.150 насто.

    КАРТИЧКИТЕ ВО ОФАНЗИВА, ГОТОВИНАТА НЕ СЕ ПРЕДАВА: 367 милиони евра подигнати од банкомати

    Што се однесува до нанесената парична штета, минатата година износот бил 34,8 илјади евра, проследен со годишна промена од плус 56 насто (22,3 илјади во 2024 година). И за 470,5 насто повеќе од вредноста на измамите во 2023 година од 6000 евра, кога жртви биле исклучиво физички лица.

    Како и да е, правните лица имаат мал удел. Лани се забележани 9 трансакции. Претходната година имало 2 повеќе. Воедно, за трипати е намалена вредноста, од 4,1 илјада на 1,2 илјади евра.

    Во овој сегмент, измамите на физичките продажни места нагло растат, но сепак, и натаму остануваат далеку зад онлајн каналите.

    ВО Е-ТРГОВИЈАТА „ИЗГОРЕЛЕ“ 487 ИЛЈАДИ ЕВРА

    Подолг период е-трговијата е мошне поволен терен за малверзации, кој максимално се „обработува“ и дава резултати. Од 2023 до 2025 година бројот на измами е зголемен за 82,5 насто: од 5.489, преку 9.797 (2024 година) до 10.018. Сепак, топката е спуштена и последната годишна промена е за 2,3 насто.

    Оптимистичка искра е забележлива и кај вредноста, каде што има намалување од 16,2 насто. Преклани во е-трговијата биле украдени 581,8 илјади евра, а лани 487,3 илјади евра. Но, во однос на 2023 година и тогашните 255,7 илјади евра, разликата е позитивни 90,7 насто. Апсолутниот износ сè уште е значителен.

    Исто така, треба да се истакне податокот дека во сите реализирани измами, уделот на е-трговијата е со високи 88 насто. Притоа, граѓаните се актери во над 96 насто од трансакциите.

    ВО 481 ТРАНСАКЦИЈА – 470 ИЗМАМЕНИ ГРАЃАНИ

    И од аспект на домашните трговци, податоците сведочат дека измамите се канализираат кон граѓаните. Или, во 481 трансакција (+ 66,4 %) во 2025 година, опфатени се 470 физички лица (+ 170,1 %). Остатокот го сочинуваат 11 фирми, за 9,6 насто помалку од претходно.

    Кај вредноста, пак, има годишна промена од 21,6 насто и сумата достигнува 70,4 илјади евра. Но, кога ќе се спореди со измамничките трансакции од вкупно 24 илјади евра во 2023 година, растот е посериозен – над 193 насто.

    Во тие рамки, преку ПОС-апаратите се изведени 71 измамничка трансакција (– 51,7 %) од 42,9 илјади евра (– 13,2 %). Во однос на 2023 година, бројот е понизок за 15,5 насто, но штетата е поголема за 457 насто. Пред две години измамите чинеле 7,7 илјади евра.

    Во овие операции лани биле засегнати 64 физички (41,9 илјади евра) и 4 правни лица (937 евра).  

    Кај домашните трговци во 2025 година се регистрирани 410 онлајн измами (+ 188,7 %) вредни 70,4 илјади евра (+ 228,6 %). Во споредба со 2023 година, бројот се зголемил за 241 насто, а износот за 68 насто.

    Платежните измами се помасовни, но во помали износи и речиси целосно се префрлени на интернет. Е-трговијата засега е најоптималниот простор за спроведување на измамничките активности.

    Маја Анастасова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично