ПОВЕЌЕ

    Пет акции носат над 62 проценти од берзанскиот промет во март

    Време зa читање: 2 минути

    Пазарната капитализација, прометот и основниот индекс имаат негативен мартовски исход, додека во позитива е бројноста на трасакциите реализирани на Македонска берза. Интересот на инвеститорите предизвикал и извесни поместувања во редоследот на најтргуваните акции.

    Во вкупниот промет, кој во март изнесува 7,81 милион евра (-46,51 %), петте најбарани акции проидонеле со 4,87 милиони, односно зафаќаат 62,36 проценти. Од бројот на трансакциите –  1.549 (+5,37 %), пак, кон нив биле насочени 1.208. Или, 77,92 проценти. Притоа, состојбата на врвот е иста.

    Со 5.355 акции на Комерцијална банка се реализирани 570 трансакции. Во таа рамка ценовните движења оделе од минималните 27.500, преку максималните 28.296 до просечните 27.940,06  денари. Месечниот промет е во износ од 2,42 милиони евра и во вкупниот берзански промет има учество од 44,39 проценти.

    Позицијата ја чува и акцијата на Алкалоид. Во март се истргувани 2.836 акции за 1,15 милиони евра преку 304 извршени купопродажби. Во прометот има удел од 21,05 проценти. Во тој период е регистрирана најниска цена од 24.700 денари, највисока од 25.500 денари, од каде што е изведен просекот од 25.016,11 денари.

    Вложувањата на инвеститорите ги смениле местата на наредните две акции. Акцијата на НЛБ банка го завршила март како треторангирана со промет од 537.240 евра и учество од 9,83 проценти. Притоа минималната вредност за акција била 53.999 денари, максималната 57.499 денари, а просечната 55.241,92 денари. Во 146 трансакции истргувани се 600 акции.

    Следи Макпетрол, во чии 300 акции се инвестирани 533.354 евра. Оваа сума во берзанскиот промет партиципира со 9,76 проценти. Забележани се 107 трансакции низ кои цените оделе од 108.500 до 112.799 денари, а месецот е заокружен со просек од 109.684,42 денари.

    Најтргуваната петорка овојпат завршува со Македонски телеком. Истргувана е количина од 28.768 акции низ 81 купопродажба. Просечната цена за акција достигнала 499,34 денари. Најнискиот износ во текот на месеот бил 492 денари, а највисокиот 505 денари. Со износот од 232.839 евра, во прометот на Берзата учествува со 4,26 проценти.

    Во март, пазарната капитализација на Македонска берза опаднала за 1,91 процент и изнесува 353,23 милијарди денари, односно 5,7 милијарди евра. Берзанскиот МБИ10 се спушти под прагот на 10 илјади поени. Се намали за 2,32 проценти и неговата вредност е 9.908,68 поени.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично