ПОВЕЌЕ

    БЛИСКОИСТОЧНИОТ КОНФЛИКТ има ограничено влијание и врз дел од дестинациите на домашните аеродроми, велат од ТАВ Македонија

    Време зa читање: 3 минути

    Поради конфликтот на Блискиот Исток, можно е ограничено влијание врз дел од дестинациите од домашните аеродроми, но засега не се очекуваат поголеми нарушувања во авиосообраќајот, информираат од ТАВ Македонија за агенцијата МИА.

    Оттаму посочуваат дека во моментов единствена промена е одлуката на Виз ер да ја прекине редовната авиолинија Скопје – Ларнака од 13 април, која во иднина ќе функционира како сезонска линија во летниот период.

    Тој додава дека намалениот интерес за резервации е главната причина за укинување на линијата Скопје – Ларнака. „Можно е одредено ограничено влијание кај дел од дестинациите, но засега не се очекуваат поголеми нарушувања во авиосообраќајот“, велат од ТАВ.

    Во пресрет на летниот ред на летање, од ТАВ очекуваат продолжување на позитивниот тренд, по успешната 2025 година и силната зимска сезона, со раст на бројот на патници и проширување на мрежата на дестинации.

    Конфликтот на Блискиот Исток веќе предизвика промени кај дел од авиокомпаниите, кои ги прилагодија своите рути и распоред на летови, што индиректно влијае и врз глобалните туристички текови.

    Во овој момент не се очекуваат значајни промени во вкупниот број на летови и на патници, имајќи предвид дека најголемиот дел од сообраќајот на скопскиот и на охридскиот аеродром е поврзан со дестинации во географска Европа, особено Западна и Северна Европа, велат за МИА од ТАВ Македонија.

    „Од гледна точка на ТАВ Македонија, како оператор на двата македонски аеродроми, нашата надлежност се аеродромските операции и обезбедување непречено и безбедно функционирање на услугите за сите авиокомпании и за патниците додека тие се на аеродромите. Секако, внимателно ја следиме состојбата и сме во постојана комуникација со авиопревозниците. Во овој момент не се очекуваат значајни промени во вкупниот број на летови и на патници, имајќи предвид дека најголемиот дел од сообраќајот на скопскиот и на охридскиот аеродром е поврзан со дестинации во географска Европа, особено Западна и Северна Европа“, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

    Со летниот ред на летови, кој стартува ноќеска на полноќ ќе има 10 нови дестинации од двата домашни аеродрома.

    Од Меѓународниот аеродром Скопје ќе сообраќаат 16 авиокомпании на 49 дестинации, а чартер летови ќе има кон шест дестинации, како и 20 дестинации кон кои ќе лета авиокомпанијата „Фри Брд Јуроп“.

    Од Аеродромот Св. Апостол Павле, пак, ќе летаат седум авиокомпании до 13 дестинации, а чартер летови  кон три дестинации на две авиокомпании.

    На почетокот на новиот ред на летање, 29 март, стартува авиолинијата од Охрид до Милано, а од 30 март Скопје првпат се поврзува со Неапол, а повторно се воведува авиорутата до Будимпешта. Потоа од 17 мај, „Аустријан Ерлајнс“ ќе започне со летови од Охрид до Виена, а во јуни Виз ер ќе воведе уште две нови линии од Охрид до Катовице и Вроцлав.

    Од 15 јули стартува линијата од Скопје до Палермо, а од 18 јули започнува рутата Скопје – Алгеро.

    Во првите денови од јуни, започнуваат и чартер летовите од Скопје до Трабзон на 2 јуни и до Самсун на 3 јуни на авиокомпанијата Anadolu Jet.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично