ПОВЕЌЕ

    Мицкоски во Актива Штип: Нови капацитети и роботски системи во фабриката со 580 вработени

    Време зa читање: 3 минути

    Со средства од унгарскиот кредит компанијата Актива од Штип разви нови производни капацитети, кои создаваат додадена вредност во локалната и во домашната економија. Користејќи го заемот овој производен капацитет доби нова физиономија и за мене навистина претставува задоволство што како Влада на некој начин сме учествувале во тоа, истакна премиерот Христијан Мицкоски, кој со штипскиот градоначалник Иван Јорданов ја посетија оваа компанија.

    „Во Актива работат 580 луѓе. Од тоа што можев да го видам, но низ поинаква оптика, како машински инженер, можам да кажам дека сум исклучително пријатно изненаден и воодушевен, посебно од роботските системи коишто паралелно работат, коишто произведуваат, додаваат вредност и како што кажав, ова многу значи за Македонија како држава, за нас како Влада, но и ќе повторам и локалната економија приходува од сето ова што денеска се создава во производните капацитети на АКТИВА Штип“, истакна Мицкоски.

    Упатувајќи им честитки на сопствениците, тој додаде дека Владата ќе сториме се што е потребно за македонските компании да добијат услови што ќе им овозможат да се развиваат, паралелно со тоа развивајќи ја и македонската економија.

    „Овој навидум, на почетоците, мал семеен бизнис, денеска прераснува во гигант за македонски услови и уште еднаш моите комплименти за ова што успеав денеска да го видам. Мислам дека се повеќе од 45 илјади квадрати под покрив, со една софистицирана напредна технологија“, рече Мицкоски.

    Актива е една од поголемите индустриски компании во источниот дел на земјвва, со фокус на метална индустрија, челични конструкции и компоненти за автомобилската индустрија. Компанијата е основана во 1999 година и денес развива активности во проектирање, изградба и производство на челични конструкции и метални компоненти за индустриски објекти, железница и за автомобилската индустрија.

    Компанијата располага со модерен производствен комплекс со месечен капацитет од над 1.000 тони челични конструкции, како и со технологии за обработка на челик, нерѓосувачки челик и алуминиум.

    Во рамки на групацијата работи и Актива аутомотив, основана во 2014 година, која произведува метални компоненти за автомобилската индустрија и соработува со индустриски компании од Европа и пошироко.

    Приходите на компанијата, во последните години, достигнуваат над 2 милијарди денари годишно, што ја вбројува меѓу поголемите индустриски компании во земјата.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично