Промена во врвот на Развојна банка – Кире Наумов повеќе не е директор на Развојната банка, а за вршител на должноста е назначена Ефимија Димовска. Одлуката на Надзорниот одбор е објавена на Македонска берза.
„Надзорниот одбор на Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје на седницата одржана на ден 23.02.2026 година од функцијата член на Управен одбор – главен извршен директор го разреши Кире Наумов, а за вршител на должност член на Управен одбор – главен извршен директор ја именуваше Ефимија Димовска член на Надзорниот одбор“, наведено е во соопштението.
Наумов е разрешен една година пред истекот на мандатот. Зад себе има долгогодишна кариера, реализирана и во образованието и во државните институции Меѓу другото, беше советник за економски прашања во Владата и на претседателот на државата, директор на Агенцијата за разузнавање, дополнителен заменик министер за финансии и заменик на министерот за економија.
Ефимија Димовска стана дел од Надзорниот одбор на почетокот од јануари. Беше именувана од Владата со мандат од четири години.
Димовска е академски професор и истражувач со PhD во областа на економијата и финансиите, со посебен фокус на развојно финансирање, проектен менаџмент и управување со финансиски институции. Има искуство во високото образование, предавајќи и спроведувајќи истражувања поврзани со економски развој и финансиски механизми, вклучително и програми за поддршка на микро и мали претпријатија.
Дипломирала на Eкономскиот факултет при УКИМ, а се образувала и во САД. Освен во високото образование, својата 27 годишна професионална кариера ја гради на одговорни и раководни позиции во Министерството за финансии, во Развојната банка и во енергетскиот сектор. Повеќе од 18 години активно работи во областа на развојно банкарство, финансиски сектор и меѓународни проекти.
Развојна банка е акционерско друштво. Основач и единствен сопственик е државата. Како извор за финансиска поддршка на микро, малите и средни претпријатија функционира од 1998 година. Преку оваа банка се реализираат поволни кредитни линии, а во тие рамки и средствата од унгарскиот кредит.
Аналитика








