Зголемениот број ноќевања и дивидендите се главните стимулатори за растот од 31 насто кај добивката на Македонијатурист. Деловната 2025 година е заокружена со финансиски резултат од 3,4 милиони евра. За споредба, износот за 2024 година бил 2,78 милиони евра.
Од извршените хотелски и ресторански услуги што се во рамките на основната дејност, компанијата заработила 2,2 милиони евра (1,6 милиони евра во 2024 година).
Вкупните приходи, како што информираат од Македонијатурист, се во износ од 10,5 милиони евра, проследени со годишна промена од позитивни 25,16 насто. Во нивната структура оперативните приходи партиципираат со 8,7 милиони евра, за 28 насто повеќе отколку во споредбениот период. „Зголемувањето на приходите од продажба е резултат на зголемениот број на ноќевања, зголемен приход од основна дејност за 9%, како и на зголемени други оперативни приходи во текот на 2025 година“, наведено е во финансискиот извештај.
Финансиските приходи изнесуваат 1,7 милиони евра (+13 %), а нивниот раст се должи на поголемите суми исплатени дивиденди од вложените средства во хартии од вредност во домашни и странски акционерски друштва.
Минатата година компанијата имала трошоци од 6,6 милиони евра (+23 %). Оперативните расходи се 6,5 милиони евра и повисоки се за 24 насто. Финансиските расходи, пак, се 59,9 илјади евра (-28 %).
Во угостителските капацитети на Македонијатурист лани биле вложени 725,5 илјади евра. „Друштвото своите инвестициски активности и понатаму во континуитет ќе ги насочува кон реновирање и модернизација на постојните хотелски и ресторански капацитети, кон подобрување на условите за работа, почитување на протоколите за заштита на здравјето и задолжително спроведување на нови стандарди за брендираните хотели“, посочуваат од акционерското друштво.
Што се однесува до пазарот на капитал, минатата година биле вложени 2,7 милиони евра во хартии од вредност. Исто така и над 4 милиони евра во удели во отворените инвестициски фондови.
Аналитика








