ПОВЕЌЕ

    ФЕВРУАРИ ДОНЕСЕ НОВ УДАР ВРЗ БУЏЕТОТ: Синдикалната кошница порасна за 969 денари, минималецот повторно под притисок

    Време зa читање: 2 минути

    Трошоците за живот продолжуваат да растат, а семејните буџети се под сè поголем притисок. Според најновите пресметки на Сојузот на синдикати на Македонија, вредноста на синдикалната минимална потрошувачка кошница во февруари достигнала 67.382 денари, што е зголемување од 969 денари во однос на јануари.

    Дополнителен товар трпат семејствата што живеат под кирија. Доколку се пресмета изнајмен стан од 60 квадратни метри, вкупните минимални месечни трошоци се искачуваат на 82.757 денари, што значително ја зголемува финансиската потреба за основно преживување.

    Најголем дел од порастот повторно се должи на храната. Во јануари за основни прехранбени производи биле потребни најмалку 24.211 денари, додека во февруари за истата намена биле потребни 25.156 денари, што е зголемување од речиси илјада денари за само еден месец.

    Од ССМ оценуваат дека растот на трошоците практично го „изел“ најавеното усогласување на минималната плата кое треба да се случи во март. Според нивните пресметки, за само два месеца од почетокот на годината едно четиричлено семејство е финансиски во полоша позиција за околу 2.000 денари. Во период од две години, пак, вредноста на синдикалната минимална кошница е зголемена за повеќе од 10.000 денари.

    Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, бара минималната плата да изнесува 600 евра и сите останати плати да се зголемат за најмалку 6.000 денари, оценувајќи дека работниците не смеат да бидат жртва на политички пресметки. Од синдикатот и порачаа на Владата и на работодавачите дека имаат рок до крајот на февруари да постигнат договор за зголемување на минималната плата, во спротивно најавуваат нов протест и можност за организирање генерален штрајк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично