ПОВЕЌЕ

    ВОДАТА ОД ИЗВОРОТ КАКО КАЛ: Струга чека одговори за енормната заматеност

    Време зa читање: 4 минути

    Струга веќе една недела живее со вода што не смее да се пие, ниту да се користи за готвење и лична хигиена. Од чешмите тече темнокафеава течност, а институциите паралелно водат истраги, вршат увиди и земаат примероци во обид да утврдат како главниот извор за водоснабдување се претворил во сериозна закана за јавното здравје.

    Кризата со водата за пиење во Струга ја надмина вообичаената сезонска заматеност на која граѓаните со години наназад предупредуваат. Овојпат, според официјалните анализи, заматеноста достигна дури 30 пати над дозволеното ниво, поради што водата беше прогласена за технички неисправна и целосно забранета за употреба, за пиење, готвење и лична хигиена. Во градот веќе денови се купува флаширана вода, а дел од жителите, во недостаток на алтернатива, користат езерска вода за одржување основна хигиена.

    Центарот за јавно здравје на терен констатирал состојба што здравствените работници ја опишаа како алармантна. Водата од изворот Шум, главниот извор за снабдување на градот, според нивните мерења и визуелни проценки, била „буквално како кал“. Мерењата во домовите и училиштата покажале екстремна матност и обоеност, што ја засили загриженоста за можните последици врз здравјето, особено кај децата.

    По информациите за енормното загадување, Основното јавно обвинителство во Струга отвори предмет со цел да ги испита причините и да утврди дали постои основ за кривична одговорност за дела против животната средина и природата. Во координација со МВР – ОВР Струга, издадена е наредба правосудната полиција да изврши увид во селото Шум, каде се наоѓаат изворите што го снабдуваат градот со вода. Во увидот се вклучени и инспектори од областа на животната средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Центарот за јавно здравје, а најавени се и дополнителни проверки и лабораториски анализи.

    Од Центарот за јавно здравје Охрид информираат дека матноста во изворот Шум покажува тенденција на намалување во моментов, но и натаму е над дозволеното. Првите мостри од 9 февруари покажале 28,56 отсто матност, додека на 11 февруари вредноста се намалила на 10,17 отсто, што сè уште е значително над максимално дозволените 1,5 проценти. Според д-р Лидија Симоновска, водата останува здравствено неисправна сè додека параметрите не се вратат во законските рамки. Таа посочува дека можно е заматеноста да е поврзана со активности на каменоломот во непосредна близина на изворот, каде употребата на динамит може да предизвика лизгање на земјишните слоеви и дополнително заматување.

    Институциите треба дефинитивно да утврдат дали станува збор за природна појава, технички дефект во системот за водоснабдување или евентуална човечка активност што довела до загадување. Досега, од полицијата информираат дека не е поднесена официјална пријава од јавното претпријатие, но дека се преземаат мерки за расчистување на случајот и за евентуална кривична одговорност. По комплетирањето на доказите, ќе биде доставен поднесок до Обвинителството.

    Во меѓувреме, кризата доби и институционална последица. Директорот на ЈП „Водовод и Канализација“ Струга, Меџијаит Јусуфоски, поднесе оставка од морални причини, оценувајќи ја состојбата како „голема еколошка катастрофа“ и сериозна закана по здравјето на граѓаните. Тој изјави дека во својата повеќедецениска работа не памети вакво заматување и дека ги информирал сите надлежни институции, но дека неговите надлежности се ограничени.

    Иако проблеми со водоснабдувањето во Струга имало и во минатото, прекини во екот на летната сезона, зголемена матност и сомнежи за диви приклучоци, сепак сегашната состојба ја отвори дилемата дали системот е структурно нестабилен и недоволно заштитен. Активисти и граѓани со години бараат посериозен пристап и долгорочни решенија, наместо ад-хок интервенции.

    Додека траат анализите и институционалните постапки, градот останува со забрана за користење на водата од чешма. За многу семејства тоа значи дополнителен финансиски товар и секојдневна неизвесност. Од исходот на истрагата ќе зависи не само утврдувањето на одговорноста, туку и довербата во системот што треба да обезбеди една од основните животни потреби – безбедна вода за пиење.

    (Фото: Unsplash)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично