Во светски рамки, трошоците за живот и секојдневни издатоци продолжуваат да поставуваат значајни предизвици за домаќинствата, покажува најновиот Глобален индекс на трошоци за живот за 2026 година. Овој индекс, изработен врз основа на податоците на Numbeo и визуелизиран од Visual Capitalist, ја споредува цената на стандардни трошоци — вклучувајќи храна, домување, транспорт и други основни услуги — споредено со референтна вредност од 100, земена како трошоците во Њујорк Сити. Ако една држава има индекс над 100, тоа значи дека трошоците за живот во таа земја се повисоки од оние во Њујорк.
На врвот на глобалната листа се Бермуди, британска прекуморска територија и финансијски центар популарен меѓу богатите, со индекс од 123,5, што ја прави најскапата локација за живот во 2026 година. Високите цени на недвижности, услуги и увезени производи, заедно со значајната концентрација на богатство, го држат овој остров на првото место.
Второто и третото место ги заземаат Кајмански Острови (индекс 97,9) и Швајцарија (84,3), при што швајцарската економија е позната по високите плати и стандарди на живеење, кои често одат рака под рака со поскапи секојдневни трошоци. Во Европа, Швајцарија е доминантна, со индекс кој е значително повисок од повеќето развитите земји.
Меѓу првите пет најскапи држави се уште Американските Девствени Острови на четвртото место (82,5) и Сингапур, најскапата земја во Азија, на петтото (81,2). Ограничената достапност на земјиште и големата зависност од увоз, особено на храна и стоки, го зголемуваат ценовното ниво во Сингапур.
Покрај островните економии, кои често доминираат на горниот дел од листата поради ограничена локална понуда и зависност од увоз, други развиени држави, како Хонг Конг и Исланд, исто така се меѓу најскапите за живот.
На спротивниот крај на спектарот, податоците покажуваат дека земји со пониски трошоци за живот доминираат во „поевтините“ делови од рангирањето.Според истата листа, Северна Македонија има индекс од 23,2, што значи дека трошоците за живот во земјата се значително пониски во споредба со референтниот индекс од Њујорк. Ова ја става нашата земја меѓу државите со најниски трошоци за основни потреби во светот.
Овој индикатор, кој опфаќа 155 држави и територии, открива дека глобалните разлики во цените остануваат големи — од места со многу високи трошоци за живот, па сè до земји каде основните издатоци за храна, домување и услуги се значително пониски. Во многу случаи, големите разлики се објаснуваат со економската структура на земјите — нивните плати, стандарди на живот, зависност од увоз и повеќе.
(Фото: Бермуда, Creative Commons)
Аналитика








