
ТТК Банка АД Скопје ја заврши 2025 година со позитивен финансиски резултат од 1,4 милиони евра односно 90 милиони денари, потврдувајќи ја стабилноста на своето работење и успешното спроведување на деловната стратегија во услови на променлива макроекономска средина. Според објавениот коментар на Банката, резултатите се во согласност со целите утврдени во Деловната политика и Финансискиот план за 2025 година и обезбедуваат континуирана вредност за клиентите, вработените и акционерите.
Во периодот од 1 јануари до 31 декември 2025 година, ТТК Банка оствари оперативни приходи од 9,4 милиони евра, додека оперативните трошоци изнесуваат 7,6 милиони евра. Исправките на вредноста на финансиските средства на нето-основа се на ниво од 173,9 илјади евра, што, според Банката, соодветствува со обемот, структурата и квалитетот на пласманите и ја потврдува нејзината финансиска стабилност.
Билансната сума на Банката заклучно со 31 декември 2025 година достигна 202,8 илјади евра, што претставува раст од 13,2 проценти во однос на претходната година, а реализацијата на планот е на ниво од 107,5 проценти. Истовремено, кредитите и побарувањата од други комитенти пораснаа за 7,7 проценти во споредба со крајот на 2024 година. Овој раст главно се должи на зголемувањето на кредитите кон стопанството за 4,2 милиони евра, односно 19,6 проценти, како и на порастот на кредитите кон домаќинствата за 2,3 милиони евра или 3,6 проценти. Планот за кредитна активност во овој сегмент е исполнет со 101,7 проценти.
Депозитната база на Банката исто така бележи значителен раст. Депозитите на други комитенти се повисоки за 11,4 проценти во однос на минатата година. Порастот е резултат на зголемените депозити по видување и орочените депозити од секторот домаќинства, кои пораснаа за 11,7 проценти, како и на растот на депозитите од секторот стопанство за 292 милиони денари или 17 проценти. Во однос на планот, депозитите се реализирани со 107,6 проценти.
Нето-приходите од камати, како основна компонента во вкупните приходи од работењето, во 2025 година изнесуваат 171,3 илјади евра. Иако се реализирани со 96,4 проценти од планот, тие се повисоки за 3,4 проценти во однос на истиот период претходната година. Зголемувањето главно произлегува од повисоките каматни приходи од секторите стопанство и домаќинства, како и од растот на приходите од камати од банки и финансиски институции.
Нето-приходите од провизии и надоместоци за услуги изнесуваат 2,7 милиони евра и бележат годишен раст од 2,5 проценти, при што најголемо учество имаат приходите од домашниот платен промет и од картичното работење. Сепак, овие приходи се остварени со 91,9 проценти од планираното.
Вкупните оперативни трошоци во анализираниот период се зголемени за 12,5 проценти споредено со претходната година, што Банката го поврзува со повисоките трошоци за плати и вработени и со стратегијата за континуирано инвестирање во човечкиот капитал и задржување на квалификуваниот кадар. Во однос на планот, трошоците се реализирани со 101,4 проценти.
Во текот на 2025 година стапи на сила и измена на сметководствената методологија поврзана со договорите за наем, што влијаеше врз начинот на мерење и евидентирање на средствата под наем и обврските за наем. Како резултат на оваа промена, материјалните средства на Банката се зголемени за 42 проценти во однос на состојбата на крајот на 2024 година.
Во делот на кредитните задолжувања, обврските по кредити се зголемени за 131,5 илјади евра, како резултат на повлекување средства од кредитната линија обезбедена од Развојната банка на Македонија, наменета за финансирање инвестиции и развој на приватните трговски друштва.
Во согласност со одлуката на Собранието на акционери, во текот на годината беше исплатена дивиденда за 2024 година во износ од 61 денар бруто по акција, што претставува 6,1 процент од номиналната вредност на акциите од 1.000 денари.
Во однос на очекувањата за наредниот период, од ТТК Банка наведуваат дека ќе продолжат внимателно да ги следат глобалните и домашните економски ризици, во услови на зголемена неизвесност на меѓународните финансиски пазари, геополитички тензии и променливи економски услови. Банката очекува постепено зацврстување на макроекономската стабилност во земјата, поддржано од мерките на монетарната политика и умерен раст на економската активност, при што ќе спроведува претпазлива кредитна политика, ќе одржува соодветно ниво на ликвидност и капитална адекватност и ќе продолжи со активно управување со кредитното портфолио.
Истовремено, фокусот ќе остане на дигитализацијата, автоматизацијата и унапредувањето на интерните процеси, како и на развојот на конкурентни и одржливи финансиски производи за населението и бизнис-секторот. Преку одговорно работење, транспарентност и подобрување на корисничкото искуство, Банката има за цел да ја зајакне довербата на клиентите и да придонесе кон долгорочен и одржлив економски развој.
Аналитика








