ПОВЕЌЕ

    Два милиони приходи, за плати и вработувања 1,3 милиони евра – Финансиски проекции на МАПАС

    Време зa читање: 3 минути

    МАПАС следната година ќе продолжи да се финансира со месечен надомест од 0,6 отсто од вкупните придонеси уплатени во секој пензиски фонд со кој управуваат пензиските друштва. Стапката, која важи од оваа година, се задржува и во финансискиот план за 2026. Вкупните планирани приходи изнесуваат 124.500.000 денари. Согласно тој износ, избалансирани се и трошоците – од 124.225.000 денари. Или, во Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување ќе се приходуваат и ќе се искористат околу 2,02 милиони евра, наведено е во Финансискиот план за 2026 година, што е точка од дневниот ред на актуелната 73. собраниска седница и чека одобрување од пратениците.

    Според Законот, МАПАС се финансира преку месечните надоместоци и административните такси што ги плаќаат друштвата – членки. Предлогот за висината на процентот го дава Советот на експерти, а ја одобрува Собранието. Таа стапка низ годините се намалувала – од 1,5 проценти во 2006 и 2007 година, на 1 % во 2008 и 2009 година, 0,8 % од 2010 до 2022 година, 0,7 % во 2023 и 2024 година, па се до сегашните 0,6 проценти.

    Како што е наведено во финансискиот план, од месечните уплати во пензиските фондови во МАПАС би требало да се слеат 112.000.000 денари (1,8 милиони евра). Административните надоместици треба да обезбедат 4.000.000 денари (65 илјади евра), исто како и годинава, а каматите од орочените депозити 8.500.000 денари (138,2 илјади евра).

    Агенцијата ги формирала проекциите врз основа на податоците од Фондот на ПИОМ, имајќи предвид дека институцијата нема ажурирани актуарски пресметки за 2026 година. Приходите од камати се повисоки поради зголемените каматни стапки и поголемо орочување на средствата од резервниот фонд.

    Кај расходите, најголема е ставката „Вкалкулирани плати и надоместоци“, која зафаќа повеќе од 64 отсто од приходите. Станува збор за сума од 78.000.000 денари или 1,3 милиони евра предвидени за бруто-платите на вработените и за членовите на Советот на експети. Планираните расходи по оваа линија „се значително повисоки во однос на планираните расходи по истиот основ за 2025 година“, посочуваат од МАПАС, поради потребата за пополнување на седум работни позиции“, согласно годишниот план за вработување.

    Втората ставка по висина на потребните средства е „Други услуги“ во која спаѓаат десетина активности од одржување на софтверот, преку печатење и ковертирање, сервисирање возила до одржување веб-страна и соларни панели. Сето тоа ќе ја чини Агенцијата 17.820.000 денари (289,7 илјади евра).

    За интелектуални и други услуги се предвидени 6.430.000 денари (104,5 илјади евра). Тие средства ќе се користат за надомест на надворешни членови на Советот на експерти, за услуги од проценители, нотар и лектори, за преводи, надворешна ревизија, стручни обуки и конференции… Како нов трошок, кој ќе стартува од идната година, се посочуваат здравствените прегледи за вработените. Затоа, велат од МАПАС, вкупната сума за оваа категорија е 40 насто повисока од проектираните за 2025 година, поради новите потреби и сертификациските процеси.

    На крајот од идната година не би требало да бидат потрошени сите пари. Планирано е да останат 275.000 денари или околу 4.500 евра како вишок, кој според законските одредби ќе се префрли во резервниот фонд на Агенцијата.

    М.А.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично