Десет осигурителни компании повеќе од една година делувале усогласено во поглед на полисите за автомобилска одговорност, задолжителна давачка што при регистрацијата ја плаќаат сопствениците на моторни возил. Евроинс осигурување, Триглав осигурување, Македонија Скопје – Виена Иншуренс Груп, Сава осигурување, Еуролинк, Граве, Уника, Осигурителна полиса, Халк осигурување и Кроација осигурување „разменувале чувствителни информации, координирале активности и во исклучително краток рок донеле идентични или меѓусебно усогласени одлуки за зголемување на делот на премијата за вршење дејност – т.н. режиски додаток“, утврдила Комисијата за одлучување по прекршок што е во рамките на Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Оттаму и согледувањето дека има картелско дружување – по своја цел.
„Таквото однесување претставува ограничување на конкуренцијата „по своја цел“, односно најтешка форма на повреда согласно член 7 од Законот за заштита на конкуренцијата. Размената на информации и паралелното донесување на ценовни одлуки ја заменува независната деловна политика со координирано колективно дејствување на пазарот, што е строго забрането“, истакнуваат од КЗК.
Еве што предвидува членот 7 од Законот кој во случајот не бил почитуван:
„(1) Забранети се сите договори склучени меѓу претпријатија, одлуките на здруженијата на претпријатија и усогласеното однесување чија цел или последица е нарушување на конкуренцијата, а особено оние кои:
1) директно или индиректно ги фиксираат куповните или продажните цени или некои други услови за тргување;
2) го ограничуваат или го контролираат производството, пазарот, техничкиот развој или инвестициите;
3) го делат пазарот или изворите на снабдување;
4) применуваат различни услови за исти или слични правни работи со други трговски партнери, со што ги ставаат во понеповолна конкурентска позиција или
5) го условуваат склучувањето на договорите со прифаќање од другите договорни страни дополнителни обврски, што по својата природа или согласно со трговските обичаи не се во врска со предметот на договорот“.
Врз основа на утврдените факти, на десетте компании им се изречени прекршочни санкции во вкупен износ од 17.266.930 денари, или 280,7 илјади евра. Излегува дека секоја од нив поединечно треба да плати по околу 28.700 евра.
Аналитика








