ПОВЕЌЕ

    ,,Строги правила и јасни процедури: Министерството за енергетика започна процес за усогласување на Законот за возила со европските правила“

    Време зa читање: 3 минути

    Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини стартува процес за усогласување на Законот за возила со европската регулатива ЕУ 2018/858 и современите стандарди во постапките за одобрување, увоз и надзор на возилата.

    Со цел добивање јасни насоки за усогласување на Законот за возила, работниот состанок го водеше д-р Роберт Јерончиќ, реномиран експерт од Република Словенија со долгодишно искуство во развој и имплементација на европското законодавство за возила.

    На состанокот учествуваа претставници од Бирото за метрологија, Царинската управа, Метролошкиот совет и повеќе релевантни институции кои се дел од постапките за одобрување, увоз и контрола на возилата.

    На состанокот присуствуваше и министерката Сања Божиновска, која ја нагласи потребата од системски и доследен пристап во примената на законодавството во оваа област.

    „Македонскиот закон за возила мора конечно да почне да се применува доследно и усогласено со европските правила. Време е сериозно да ги забрзаме процесите и да воспоставиме јасни, прецизни и предвидливи процедури,“ истакна министерката Божиновска. Таа додаде дека институциите веќе добиле „јасни насоки за забрзана и суштинска хармонизација со регулативата на Европската Унија“.

    Целта на состанокот беше да се дефинираат конкретни чекори за конечно воспоставување усогласен, јасен и предвидлив систем, кој ќе обезбеди:

    • целосно прилагодување на националното законодавство кон европската регулатива,
    • современи процедури за одобрување и увоз на возила,
    • построг и ефикасен надзор
    • засилен институционален ред во сите фази на процесот – од документирање, до контрола.

    На средбата Преку размена на практики и експертиза, беше потврдена заедничката определба за воспоставување ред, поголема транспарентност и целосно усогласување со европските стандарди. Како продолжение на денешната работа, утре ќе се одржи и специјализирана работилница на иста тема, на која ќе присуствуваат сите релевантни институции и стручни служби. Работилницата е насочена кон финализирање на техничките насоки и подготовка на конкретни измени за модернизирање на Законот за возила.

    Министерството продолжува активно и системски да работи на усогласувањето со европското законодавство и зајакнувањето на институционалните механизми за контрола и надзор, со цел градење модерен, безбеден и транспарентен пазар на возила.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично