ПОВЕЌЕ

    До 2027 домашниот раст ќе забрзува, инфлацијата ќе опаѓа – Есенска прогноза на ЕК

    Време зa читање: 5 минути

    Во првата половина од годинава БДП забележа годишен раст од 3,2 насто, поттикнат од домашната побарувачка. Се проектира растот дополнително да забрзува во текот на наредните две години, пред сè воден од инвестициите и приватната потрошувачка, се вели во Есенската економска прогноза 2025 на Европската комисија. И, се напоменува дека во земјава инфлaцијата и натаму се зголемува, и тоа како резултат на домашните фактори – растот на платите и на кредитирањето. Исто така, се смета дека плановите за фискална консолидација се неизвесни, затоа што поради околностите, предизвик е исполнувањето на целта за дефицит од 3 проценти од БДП. Сепак, се очекува дефицитот постепено да се намалува, но да остане над тоа ниво.

    Од ЕК се наведува дека растот ќе биде предводен од инвестициите:

    „Бруто-инвестициите ќе го имаат главниот придонес кон растот. Јавните градежни работи на коридорите 8 и 10д започнаа во 2025 година, а нивниот максимален придонес врз растот се очекува во 2027 година. Приватните инвестиции имаат корист од подобрените деловни очекувања и субвенционираното финансирање преку кредитните линии од Унгарија и ЕИБ. Иако растот на извозот се очекува да забави по силниот прв квартал, а увозот да расте за да ја задоволи домашната побарувачка, негативното влијание на надворешната рамнотежа врз растот ќе се намалува“.

    Притоа се вели дека економската активност во првата половина од годинава во најголем дел била поттикната од инвестициите и приватната потрошувачка, што не е случај со јавната потрошувачка, која беше значително зголемена лани. „Растот на потрошувачката на домаќинствата се засили по слабите резултати во 2024 година, поддржан од растот на реалните расположливи приходи, како резултат на зголемените пензии и плати, растот на кредитирањето на домаќинствата и ублажената инфлација“.

    За извозот и увозот реализирани во првата половина од 2025 година, пишува дека постигнале подобри резултати од очекуваното во пролетната прогноза, а се напоменува: „Иако трговските врски на Северна Македонија со САД се ограничени, земјата е индиректно изложена преку извозот на автомобилски компоненти во Германија, поради што веројатно се случило предвремено зголемување на трговската активност во првата половина од годината. Сепак, придонесот на нето-извозот кон растот остана негативен“.

    За инфлацијата од ЕК наведуваат дека цените на храната биле само почетниот импулс за зголемувањето.

    „Инфлацијата се зголемува од септември 2024 година. Првично беше поттикната од растот на цените на храната, што привремено беше ублажено со владините контроли врз цените на почетокот на 2025 година, кои опфаќаа ограничување на бруто-профитните маржи кај основните прехранбени производи и истекоа во април. Во 2025 година, инфлацијата најмногу е поттикната од домашните фактори – растот на платите и кредитирањето – наместо од цените на храната и енергенсите. Ова се рефлектираше во растот на вкупната инфлација, без енергија и храна во текот на летото. Се проектира инфлацијата да биде повисока од очекуваното во 2025 година, но да се намали до целта на Народната банка од 2 насто до 2027 година, поддржана и од поограничувачката фискална политика“.

    Притисокот врз платите доаѓа од недостигот на работна сила, напишале од ЕК. Оттаму не прогнозираат позначајни поместувања кај вработеноста сѐ додека не се утврдат и решат постојните предизвици. „И покрај одржливиот раст на вработеноста во првата половина на 2025 година и намалувањето на невработеноста, особено кај жените, неактивноста кај работоспособното население останува висока. Бруто-номиналните плати пораснаа за 12,9% во 2024 година, поттикнати од повисоката минимална плата, колективните договори и недостигот од работна сила во многу сектори, но растот на платите се стабилизираше во првата половина од 2025. Во такви услови, растот на вработеноста најверојатно ќе остане умерен сè додека не се адресираат структурните предизвици како ниската стапка на учество на пазарот на труд“.

    Осврнувајќи се на можностите за фискална консолидација, во есенската прогноза е застапен ставот дека е малку веројатно до 2027 година да се дојде до дефицит oд 3 проценти од БДП. Особено што во тој период Владата има големи потреби за финансирање, кои годишно достигнуваат 10 до 12 проценти од проектираниот БДП. А, догодина ќе стигнат за наплата 700-те милиони евра од еврообврзницата издадена во 2020 година.

    „Иако даночните приходи значително пораснаа во првите девет месеци од годината, ребалансот беше неопходен во јули, бидејќи тековните расходи значително ги надминаа првичните планови во изборна година. Ребалансот ги зголеми и приходите и расходите без да ја промени таргетираната стапка на дефицит од 4 проценти од БДП. Приходната страна беше зголемена поради преносот на профитот од Народната банка кон Владата, што претходно не беше буџетирано. Расходите беа зголемени за пензии, плати, како и за стоки и услуги. Јавните инвестиции беа ниски во првите три квартали од 2025, што отвора ризик неискористените средства да бидат пренасочени кон тековни расходи, со цел да се исполни таргетираниот  дефицит.

    Се проектира дефицитот да продолжи да се намалува во наредниот период, поттикнат од поумерени зголемувања на платите и пензиите во јавниот сектор, фокусирана социјална поддршка и стабилен раст на приходите усогласен со економската активност. Сепак, исполнувањето на новото правило за дефицит од 3 проценти од БДП до 2027 година изгледа малку веројатно, доколку Владата не образложи конкретни мерки за консолидација“.

    (Табели и фото: Европска комисија)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично