ПОВЕЌЕ

    И доброволните пензиски фондови најмногу ги сакаат државните обврзници

    Време зa читање: 4 минути

    Банките, осигурителните компании и пензиските фондови се редовни „муштерии“ кога се емитуваат државни обврзници. „Пари“ веќе пишуваше дека задолжителните приватни пензиски фондови ѝ позајмиле на државата речиси 2 милијарди евра. Овој вид пласирање пари е најпримамлив и за доброволните пензиски фондови: КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд, Отворен доброволен пензиски фонд Сава пензија плус, Триглав отворен доброволен пензиски фонд и ВФП отворен доброволен пензиски фонд. Овие четири фонда заеднички во домашните државни обврзници вложиле 48,6 милиони евра. Нивното вкупно инвестициско портфолио е 82,5 милиони евра, што значи дека инвестирањето во домашните државни обврзници изнесува 58,9 насто, покажува анализата на Пари, која се темели на податоците од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС).

    Покрај во домашните државни обврзници, на домашниот пазар овие фондови инвестираат и во банкарски депозити, во акции и во инвестициски фондови. Заедничкиот пласман во домашни инструменти им е околу 55,7 милиони евра, а 25,9 е во странски инструменти, меѓу кои има и државни обврзници издадени од други држави.

    ДВЕ ТРЕТИНИ ОД ИНВЕСТИЦИСКОТО ПОРТФОЛИО СЕ ПЛАСИРА ДОМА

    Помалку или повеќе, но сите доброволни пензиски фондови две третини од парите ги насочуваат во домашни инструменти.

    Инвестирањето во домашни инструменти опфаќа 65,7 насто од портфолиото на фондот КБ, 69,5 насто од Сава, 62 насто од Триглав и 65,7 насто од ВФП.

    Најинтересен за оние што имаат приватна сметка со која ќе си обезбедат дополнителен износ на пензија е Отворен доброволен пензиски фонд Сава пензија плус. Овој фонд има вкупно инвестициско портфолио од 39,6 милиони евра, а 23,6 милиони инвестирал во домашни државни обврзници. Акции има во Витаминка, Фершпед, Телком, Реплек, Прилепска пиварница и Универзална инвестициона банка.

    На второ место по портфолио, со 37,8 милиони евра, е КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд, кој во државни обврзници вложил 22,7 милиони евра. Од акции, го интересирале само тие на Алкалоид.

    Во милиони евра се мери и инвестициското портфолио и на ВФП отворен доброволен пензиски фонд, кој ѝ позајмил на државата 2 милиони евра.

    Триглав отворен доброволен пензиски фонд „освоил“ малку членки и има портфолио од околу 629.000 евра, но сепак на државата ѝ позајмил 300.000 евра.

    ОД СТРАНСКИТЕ ИНСТРУМЕНТИ НАЈИНТЕРЕСНИ СЕ ИНВЕСТИЦИСКИТЕ ФОНДОВИ

    Околу една третина од парите доброволните пензиски фондови ги насочуваат кон странски инструменти. Тука најинтересни за пензиските фондови биле уделите или акции во странски инвестициски фондови. КБ вложил 11,1 милион евра, Сава 7,5 милиони, ВФП 1,2 милион, а Триглав има скромна инвестиција во странските фондови од 155.000 евра.

    Освен Триглав, сите други имаат инвестирано и во странски државни обврзници. КБ купил државни обврзници на САД и на Романија, ВФП на Романија, а Сава на САД.

    Доброволните пензиски фондови (т.н. трет столб) се начин да се штеди за пензија надвор од државниот фонд и од задолжителните приватни фондови (вториот столб).

    Доброволното пензиско осигурување овозможува и доброволно колективно пензиско осигурување – професионални пензиски шеми каде што работодавците уплатуваат дополнителни средства за пензиско осигурување за сите или за дел од своите вработени.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично