
На крајот од минатата година, во Третиот пензиски столб, односно во четирите доброволни фонда: КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд, Отворен доброволен пензиски фонд Сава пензија плус, Триглав отворен доброволен пензиски фонд и ВФП отворен доброволен пензиски фонд имало 35.994 члена. Ова е скромна бројка ако се земе предвид дека во приватните задолжителни пензиски фондови има 630.396 члена. Сепак, износот на пари што го има во приватните доброволни пензиски фондови не е за потценување. Таму се инвестирани 82,5 милиони евра.
Анализата на Пари, врз основа на податоците од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), покажува дека иако срамежливо, постојано се гради една тенденција на зголемување на членството во доброволните фондови. Така, во 2015 година во доброволните пензиски фондови, односно во Третиот столб членувале 21.744 граѓани, или за 10 години нивниот број се зголемил за 14.240, односно за 65,5 насто.
Тростолбниот пензиски систем се воведе во 2006 година. Член на доброволен пензиски фонд може да биде секое лице коешто навршило 15 години, но нема повеќе од 70 години и е сопственик на доброволна индивидуална сметка или секое лице коешто е учесник во професионална пензиска шема и е сопственик на професионална сметка.
ЗА ЕДНА ГОДИНА ИМА 2.372 НОВИ ЧЛЕНА
Континуираниот раст на членството обезбедил во Третиот столб да има 2.372 нови члена на 31.12.2025 година во однос на 31.12.2024 година.
Повеќе од половина од оние коишто се определуваат за доброволно членување во пензиски фонд го одбрале КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд. Таму има 18.287 члена, а во сериозна конкуренција е и Сава пензија плус, фонд со 16.274 члена. Во другите два фонда, бројката е значително помала – ВФП со 822 члена, а Триглав со 551. Кај сите фондови има зголемување на членството.
Дистрибуција на членството во доброволните пензиски фондови

Извор: МАПАС
ИНВЕСТИЦИСКОТО ПОРТФОЛИО ТЕЖИ 82,5 МИЛИОНИ ЕВРА
Од парите што ги уплаќаат сите членови во четирите фонда, на 31.12.2025 година се формирало инвестициско портфолио тешко 82,5 милиони евра. Во однос на 2024 година, тоа е значаен раст за 15,9 насто, или во апсолутен износ – за 11,3 милиони евра.
Инвестициско портфолио на доброволните пензиски фондови
(во евра)

Извор: МАПАС
Со најголемо инвестициско портфолио располага Отворен доброволен пензиски фонд Сава пензија плус и тој на 31.12.2025 година изнесувал 39,6 милиони евра. На крајот од 2024 година во Фондот имало 34,5 милиони евра, што значи дека се реализирал раст од 14,8 насто.
Втор на листата е КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд. Инвестициското портфолио на фондот на крајот од минатата година тежело 37,9 милиони евра. Тоа за една година се зголемило за 4,2 милиони евра, или за 12,5 насто.
Најголем раст имало инвестициското портфолио на доброволниот фонд Триглав. Но, и со тој раст, тоа е фонд со најмало портфолио и единствениот каде што парите се мерат во илјадници евра за разлика од другите фондови, каде што тоа се прави во милиони.
Триглав отворен доброволен пензиски фонд на крајот од минатата година имал портфолио од 629.000 евра, што е за 94,7 насто поголемо отколку пред една година, кога било 323.000 евра.
Голем раст има и инвестициското портфолио ВФП отворен доброволен пензиски фонд – од 2,7 милиони евра на 31.12.2024 година на 4,35 милиони евра на 31.12.2025 година, или раст од 61,1 насто.
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








