ПОВЕЌЕ

    Издадена десеттата државна обврзница годинава – ново задолжување од 11,6 милиони евра

    Време зa читање: 3 минути

    На Македонска берза вчера се појави нова државна обврзница преку која ќе се обезбедат 11,6 милиони евра. Воедно, тоа е десеттата обврзница издадена од почетокот на годинава од страна на Министерството за финансии. На тој начин, во нецели пет месеци државата се задолжила кај домашните кредитори за дополнителни 18,57 милијарди денари или над 302 милиони евра.

    Најновата државна обврзница, како и повеќето досега, е без девизна клаузула. Тоа значи дека инвеститорите го преземаат ризикот од инфлација и девалвација, но за возврат добиваат повисока каматна стапка во однос на класичните банкарски депозити. Во случајот, 4,30 насто. Обврзниците се двегодишни, а рокот на доспевање е 7 мај 2028 година. Издадени се 71.328 обврзници, а вредноста на емисијата е 713.280.000 денари. Шифрата на тргување е M070528.

    Од јануари наваму, секој месец – во првата или последната седмица, на Берзата излегуваа една до две, понекогаш и три државни обврзници. Пет од нив за наплата ќе стигнат по 15 години, во 2041 година. Таков е примерот (23.04.2041) со обврзниците примени на котација на 30 април – вредни 1.374.350.000 денари (22,3 милиони евра), со стапка од 5,10 насто (23.4.2041).

    Две од трите државни обврзници издадени во текот на март ќе достасаат на 26.3.2041 година. Првата е со вкупна вредност од 949.150.000 денари (15,4 милиони евра) и со камата од 5,10 насто. Втората, пак, е со девизна клаузула и носи камата од 4,85 насто. Таа емисија е вредна 245.310.000 денари (околу 4 милиони евра).

    Исто така, 15-годишна (19.02.2041) е и една од трите државни обврзници што на официјалниот пазар на подсегментот берзанска котација излегоа во февруари. Износот е 2.007.900.000 денари (32,6 милиони евра), а каматата е 5,10 насто.

    Со подолг рок (22.01.2041) е и една од двете јануарски државни обврзници: емисијата изнесува 3.233.150.000 денари (52,6 милиони евра) и носи камата од 5,10 насто.

    Покрај најновата во 2028 година за наплата ќе дојдат три од овие десет обврзници. Две речиси една по друга, на 2 и на 5 февруари: од 6.100.550.000 денари (99,2 милиони евра) и од 1.148.600.000 денари (18,7 милиони евра), а носат иста стапка од 4,20 насто. Идентична е каматата и за долгот од 1.862.570.000 денари или близу 30,3 милиони евра, што ќе треба да се намири еден месец подоцна (05.3.2028).

    Единствената петгодишна државна обврзница емитувана во овој петмесечен период датира од јануари. Таа е во вредност од 940.450.000 денари, односно 15,3 милиони евра, на инвеститорите им обезбедува стапка од 4,35 насто, а за наплата ќе дојде на 22 јануари 2031 година.

    M.A.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично