ПОВЕЌЕ

    ЕУ ГО ПРОВЕРУВА GOOGLE: Dали технолошкиот гигант неправедно ги деградира медиумите?

    Време зa читање: 3 минути

    Европската Унија отвори формална истрага против Google Search поради сомнежи дека технолошкиот гигант намерно ја „понижува“ комерцијалната содржина на медиумските куќи во резултатите од пребарување. Според Европската комисија, мониторингот покажал дека содржина создадена во партнерство со огласувачи и спонзори добива толку низок приоритет што во пракса станува невидлива за корисниците, пишува „Гардијан“.

    Ова потенцијално „губење на видливост и приходи“ за медиумите, како што образложуваат од Комисијата, може да биде последица од политиките за борба против спам што ги применува Google. Законот за дигитални пазари (DMA), кој ги регулира технолошките „чувари“ на пазарот, обврзува Google да обезбеди фер, разумни и недискриминаторски услови за пристап на издавачите до Google Search. Истрагата, притоа, не се однесува на целокупното појавување на вести и статии од медиумите, туку конкретно на комерцијални содржини што медиумите ги објавуваат во соработка со трети страни, на пример брендови кои продаваат патувања, спортска опрема или други производи.

    Од Комисијата објаснуваат дека таквите партнерства, на пример, весник што соработува со Nike за да понуди попусти преку посебен поддомен се сосема вообичаена пракса во офлајн светот и треба фер да опстанат и онлајн. Но, имало случаи каде овие поддомени биле толку „турнати надолу“ во рангирањето на Google, што корисниците речиси и да не можеле да ги пронајдат, што директно ги погодува медиумите и нивните приходи.

    „Загрижени сме што политиките на Google не дозволуваат издавачите на вести да бидат третирани на фер, разумен и недискриминаторски начин во резултатите од пребарувањето“, изјавила Тереса Рибера, извршна потпретседателка на Европската комисија задолжена за чиста, праведна и конкурентна транзиција. Комисијата најави дека во наредниот период ќе побара од медиумските куќи конкретни докази за пад на сообраќајот и приходите што би можеле да се поврзат со ваквото потенцијално прекршување на правилата, пишува „Гардијан“. Рибера додала дека целта е да се спречат дополнителни удари врз приходите на медиумите во период кој и онака е тежок за индустријата, особено со притисокот од вештачката интелигенција и нестабилното финансирање.

    Од Google остро реагирале на потегот на ЕУ, нарекувајќи ја истрагата „погрешна“ и „неоснована“. Во блог-објава од компанијата наведуваат дека нивните политики против спам се создадени за да им обезбедат на корисниците доверливи и квалитетни резултати, и да спречат „измамнички тактики на плаќање за подобар ранг“. Потсетуваат и дека германски суд веќе отфрлил слична тужба, оценувајќи ги правилата на Google како валидни, разумни и доследно применети.

    Брисел, пак, нагласува дека ова е „нормална постапка за евентуално непочитување“ на DMA. Доколку се докаже систематско прекршување, теоретски можат да се изречат и казни до 20% од глобалните приходи на компанијата, но тоа е крајна мера што би дошла предвид само ако се констатира сериозно и трајно непочитување на правилата. Во моментов, фокусот е на тоа да се утврди дали и во колкава мера Google навистина ги става традиционалните медиуми во понеповолна положба на дигиталниот пазар.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично